Инцидент пред српскиот парламент на годишнината од движењето „1 од 5 милиони“

Во Белград синоќа беше одржан 53-тиот протест на движењето „1 од 5 милиони“ со кое се одбележа точно една година од почетокот на демонстрациите против власта.

На собирот дошло до инцидент пред парламентот на Србија откако помеѓу дел од учесниците на протестот и обезбедувањето на институцијата започна туркање пред влезот на законодавниот дом. Граѓаните, на повикот на организаторите симболично да проверат „дали институциите работат“, се упатиле до влезот на зградата, а во намерата биле спречени од безбедносните служби, пренесе Н1 телевизија.

Дел од демонстрантите носеле српски знамиња и извикувале пароли како „Го ослободивме ректоратот, ќе го ослободиме и парламентот“.

Овој викенд е годишнина од почетокот на протестите кои започнаа под слоганот „Стоп за крвавите кошули“, а потоа движењето го промени името во „1 од 5 милиони“.