Импров група „Настап“ на ENGAGE

Импровизаторската театарска група „Настап” која се бави со играње на театарски игри во форма на забавно шоу ќе настапи на седмото издание на ENGAGE конференцијата на друштвен активизам што ќе се одржи на 12-ти мај, во Музејот на современа уметност во Скопје.

Групата е составена од Тони Денковски, Григор Јовановски, Дамјан Цветановски, Сергеј Димовски, Мартин Манев, Андреј Цветановски и Димче Николовски – Димсата.

Импровизацијата е создавање или играње нешто спонтано или создавање од нешто што е достапно во околината. Импровизацијата, во изведувачките уметности е настан кој се случува без посебна подготвеност по некакво сценарио. Способноста за импровизација може да се употреби во разни дисциплини, низ сите уметнички, научни, физички, формално или неформално образовни дисциплини

Театарската импровизација е корисна вежба за развивање на актерската креативност, довербата во партнерот и можност за развивање на конкретни секојдневни и несекојдневни драмски ситуации.

Импровизацијата не само што е корисна за актерите, често се применува и во психологијата како вежба со која им се помага на луѓето кои се постојано под притисок при работа. Овозможува да се самоспознаеме и да се сетиме колку всушност е убаво кога се препуштаме на моменталната креативност во секојдневните човечки ситуации.

На овогодинешната конференција организирана од Радио МОФ и Младинскиот образовен форум, ќе учествуваат осуммина говорници, а ќе има и два перформанси. Регистрацијата е достапна на овој ЛИНК, а можност за учество ќе имаат првите 200 пријавени учесници за конференцијата. Повеќе информации за сите говорници и настапи може да се најдат на engage.mk.

ENGAGE – Конференција за друштвен активизам е организирана со поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија.