Импичмент за јужнокорејската претседателка, по масовните протести за скандалот со корупција

Парламентот на Јужна Кореја одлучи да ја отповика претседателката Парк Гин-ху, првиот лидер жена на оваа азиска држава, по коруптивниот скандал кој ја блокираше власта и поттикна најмасовни протести во историјата на земјата кои траеја скоро два месеци.

Овласувањата на Гин-ху со импичментот се суспендирани, додека Уставниот суд ќе одлучува дали да биде отстранета од функцијата.

impicment-juzna-koreja

Таа е обвинета дека дозволила нелегални влијанија и мешања во власта на нејзина блиска пријателка, ќерка на лидер на религиозна секта, која била вклучена во разни одлуки: од избор на највисоки владини претставници, до бирање на облеката која ќе ја носи претседателката. Дополнително, таа е обвинета дека и помогнала на пријателката во испумпување на десетици милиони долари од јужнокорејските компании.

impicment-juzna-koreja-2

234 пратеници гласаа за импичмент, многу над потребното двотретинско мнозинство во Парламентот, составен од 300 законодавци.

„Ова е победа на волјата на народот и јужнокорејската демократија. Ова беше државна револуција, постигната без крв и без било какво поголемо насилство“, изјави за Њујорк Тајмс професорот по политички науки Канг Вон-таек.

Парк Гин-ху дојде на власт со голема поддршка, најмногу од постарите граѓани на Јужна Кореја, кои со почит гледаат на нејзиниот татко, воениот диктатор Парк Чунг-хи. Последен пат Јужнокорејците излегоа на улица во протест против непопуларен лидер во 1960 година, кога имаше крвави судири со полицијата.