Името на нобеловецот Марио Варгас Љоса се појави во документите од Панама

Името на прочуениот перуански писател и добитник на Нобеловата награда за литература во 2010 година, Марио Варгас Љоса, како и името на неговата сопруга, се појавија во документите кои протекоа во скандалот „Панамаликс“, објави еден шпански портал, а пренесоа светските медиуми.

Љоса и неговата поранешна жена се наведени како акционери во компанијата Talome Services од Британските Девствени Острови, во 2010 година. Според пишувањето на порталот Ел Конфиденсиал, во документите од адвокатската куќа Мосак Фонсека има мејл-пораки од кои се гледа дека преставникот на познатиот писател бара од адвокатите да го избришат името на Варгас Љоса од сопствеништвото на компанијата, на 6 октомври 2010 година. Следниот ден на Љоса му била врачена Нобеловата награда. Неколку дена подоцна, како акционери во Talome Services се впишани двајца Руси.

Менаџерот на писателот вели дека Љоса и неговата сопруга никогаш немале каква било интеракција со адвокатското друштво Мосак Фонсека, како и дека тие редовно ги извршувале своите даночни обврски, во Шпанија и во други земји.