„Имаше 10 пати подолга кариера од Оливер Андонов“, отказот за Скарамучи од Белата куќа исмеан на Твитер

Ентони Скарамучи, доцна синоќа, доби отказ од функцијата Директор за комуникации на Белата куќа по само 10 дена на оваа висока позиција во администрацијата на Доналд Трамп.

Отказот доаѓа по серијата скандалозни изјави, од кои најголеми реакции предизвика интервјуто за Њујоркер, во кое Скарамучи упати вулгарни коментари за дел од највисоките функционери на Белата куќа. Претходно, тој ги избриша старите твитови со критики кон Трамп и политиките кои ги застапува претседателот.

Неговиот отказ со потсмев го дочекаа и дел од македонските Твитер корисници, кои кратката кариера на Скарамучи ја споредија со онаа на Оливер Андонов и неговото еднодневно раководење со Министерството за внатрешни работи на Македонија.

Американската Твитер заедница се пошегува со Скарамучи ставајќи го неговиот лик во филмот „Како да изгубиш дечко во 10 дена“, додека еден корисник саркастично пишува „треба да го додадеме „скарамучи“ во речникот како мерка за време“.

За вчерашниот ден на Скарамучи да биде уште потежок, се погрижи и веста дека во базата на податоци на поранешни студенти на Харвард, по грешка, бил означен како мртов.