Има ли живот на другите планети? – предавање на Скопско астрономско друштво

Вечерва од 20 часот, во амфитеатарот при Факултетот за електротехника и информациски технологии, Скопското астрономско друштво ќе одржи предавање со наслов „Има ли живот на другите планети?“.

Предавач ќе биде Златко Бучкоски, физичар со државни признанија во областа на физиката, математиката, астрономијата и учесник на 31-та меѓународна олимпијада по физика во Лестер, Велика Британија. Предавањето ќе биде прилагодено и за публиката која не е длабоко навлезена во природните науки, со многу слики и илустрации.

„Ловецот на екстрасоларни планети – вселенскиот телескоп Кеплер – се пензионираше минатиот месец после 9-годишната неуморна мисија со очи вперени кон ѕвездите. Кеплер пронајде 2 681 планета надвор од нашиот соларен систем и уште повеќе потенцијални кандидати. Сепак Кеплер не бараше било какви планети. Негова посебна љубов и фокус беа планети слични на Земјата – карпести, обвиткани со атмосфера и на умерена оддалеченост од нивното „Сонце“ каде не би било ни претопло, ни преладно. Мотивот на Кеплер беше да најде планети каде би можело да постои живот. Кеплер е само дел од вековната потрага и енигма на човештвото: Има ли живот на другите планети? Ова прашање е лесно да се шпекулира и фантазира, но е тешко да се одговори научно и аргументирано. За таа цел ќе ги впрегнеме сите сили на природните науки: не само астрономијата и астрофизиката, туку и биологијата, хемијата, генетиката, математиката, информатиката и ќе нурнеме во заедничка потрага по ова прашање. Ќе разгледаме како Кеплер ги ловеше планетите, како ја одредуваме нивната дистанца од локалната ѕвезда, нивниот радиус, дали се во зона на населивост, дали има атмосфера и вода таму, која е можноста да има живот таму…“, најавуваат организаторите.

Влезница за предавањето чини 100 денари, освен за членовите на Скопско Астрономско Друштво и волонтерите во студентската организација „Секој Студент“, како и за студентите од ФЕИТ, Машински факултет и ФИНКИ – Скопје кои плаќаат по 50 денари (притоа посетителот треба да покаже членска карта или индекс).

Билетите се купуваат пред почетокот на предавањето на влезот на амфитеатарот и не е потребна претходна најава.

Повеќе за тековниот циклус предавања прочитајте на:
https://astronomija.mk/ciklus-predavanja-2018/