„Илузии“ – Прва виртуелна претстава на „Wonderland Theatre“

Во четврток (11 јуни), независниот „Wonderland Theatre“ од 20 часот ќе ја има својата прва театарска премиера онлајн. Претставта е насловена „Илузии“ и е работена според мотиви од истоимената драма на најпознатиот современ руски писател Иван Вирипаев.

Режијата е на Нела Витошевиќ, а улогите се на актерите: Драгана Лошкова, Ивана Павлаковиќ, Никола Настоски и Исмет Шабановиќ. Монтажата ја направи Васил Христов. Музиката е на Огнен Анастасовски.

Авторите на „Илузии“ велат дека претставата е направена во време на пандемијата со Ковид-19 и нејзиното создавање е поврзано со периодот на карантинот.

„Секој ден откако ќе започнеше полицискиот час, екипата се собираше да пробува на интернет платформите за комуникација. Тргнавме од идејата односно започнавме дебати околу тоа што би се случувало доколку пандемијата потрае подолго време?! Каков би бил светот?! Како би функционирале ние во новонастанатите околности?! Што би се случувао со уметноста, а што со театарот?!“, објаснуваат од „Wonderland Theatre“.

Претставата ќе се емитува на Јутјуб каналот на „Wonderland Theatre“ и ќе остане онлајн за публиката да може да ја гледа и по премиерата. Дополнително, независниот театар може да се следи и на Инстаграм и Фејсбук.

„Користејќи се со театарскиот пристап, но во виртуелниот свет, направивме  претставата која ги отвара темите на љубов, неверство, оттуѓеност на луѓето како и празнотијата и минливоста на животот. Сметавме дека во вакви кризни времиња овие теми се актуелизираат кај секој човек. Оваа приказна ни ја раскажуваат четворица актери кои постојано влегуваат и излегуваат од улогите. Сите играат определена улога, но истовремено се и наратори на приказната. Од друга страна претставата отвара и еден друг документаристички аспект кој зборува за проблемите со кои се соочува, а и допрва ќе се соочува пост-пандемскиот театар. Интересно во однос на процесот е и тоа што екипата се нема сретнато во живо. Целата комуникација и создавање на претставата се одвиваа онлајн. Сè што е снимено е снимено во домашна изолација и со приватни телефони на екипата“, додаваат авторите.

Претставата трае 50 минути и се правела еден месец и дваесет дена. Од „Wonderland Theatre“ порачуваат дека оваа виртуелна претстава e нивен придонес и уметнички израз во ова ново секојдневие.