Илустрација на власта во учебник за осмооделенци

Човечка фигура со големи мускули на рацете, качена на трикатен пиедестал, која од високо ги гледа малите, простум застанати мирни човечиња е сликата со која е илустрирана власта во однос на граѓаните, во учебникот по Граѓанско образование за осмо одделение од кој се образуваат учениците во основните училишта во Македонија, објави Плусинфо.

Учебник

Портпаролот на Министерството за образование Давор Политов, вели дека учебникот со ваквата илустрација го одобрила рецензентска комисија, но дека наскоро учебниците ќе бидат заменети со нови, по наставна програма од Кембриџ, но адаптирани.

Автори на учебникот се Гордана Трајкова Костовска, Ксенофон Угриновски и Крсте Василески. Графичката и техничка обработка е на Крсте Василески и Киро Цветков. Учебникот е одобрен за употреба уште во 2010 година со решение на министерот за образование и наука. Во воведот на книгата пишува дека основниот текст е збогатен со дополнителни текстови, слики и карикатури кои го дообјаснуваат текстот или нудат повеќе информации за учениците да го прошират своето знаење.

„Во демократско општество, власта е слуга на граѓанинот, кој од тие што привремено ја обавуваат во негово име има право на отчетност. Ние сме нивните газди, тие наши вработени, кои располагаат со наши пари и нашето заедничко богатство. За тоа време, во официјалниот учебник за осмо одделение тој поим е претставен вака“, реагираат корисници на социјалните мрежи каде оваа илустрација предизвика огромно внимание.

И социологот Анета Поп Илиевска смета дека илустрацијата не кореспондира со тоа како власта треба да биде претставена.

„Ако власта е некој развиен, а граѓаните како покорени, тогаш како дете на 13 години би разбрало дека тоа значи прво и основно, сила и доминација и дека мора да слуша, а ако не слуша ќе биде згмечен. Јас би се исплашила од таква власт и ќе мислам дека е тоа нешто многу силно, “ вели социологот Анета Поп Илиевска за Плусинфо.