[Видео] Илјадници жени протестираа во Белорусија барајќи оставка од Лукашенко

Илјадници жени вчера маршираа низ главниот град на Белорусија, Минск, со барања за оставка на претседателот Александар Лукашенко.

За прв пат на демонстрациите се појавија и поддржувачи на ЛГБТ правата кои ги истакнаа знамињата со бои на виножито на женскиот марш во Минск. Според медиумите, тоа е знак дека опонентите на Лукашенко стануваат се похрабри во нивниот активизам.

На женскиот марш присуствувале околу пет илјади жени според локалните невладини организации, додека иако на демонстрациите имало големо присуство на полицијата, не биле забележани приведувања на граѓани поради протестот.

Паралелно демонстрираа и ученици и студенти, револтирани од апсењето на нивни соученици при бранот протести кои ја зафати земјата изминатиов месец. Тие формираа синџир од луѓе за да го искажат бесот поради апсењето на ученици во Државниот универзитет за лингвистика. Според невладината Вјасна, околу 20 ученици синоќа биле приведени на протестите.

Протестите против Лукашенко започнаа на 9-ти август, откако на претседателските избори актуелниот претседател, кој се наоѓа на таа функција од 1994 година, победи со 80 проценти од гласовите. Опозицијата веднаш обвини за масовни нерегуларности и изборен фалсификат.

И по претходни избори се случувале протести, овој пат тие се најголеми и најдолго траат. На дел од неделните собирања присуствуваат и преку 100 илјади граѓани.

Опозицијата на Лукашенко веќе формираше координациски совет кој ги предводи протестите и инсистира на транзиција на власта.