Илјадници училишта во Индија воведоа часови за родова еднаквост

Во повеќе од 12 000 индиски јавни училишта, учениците отсега ќе можат да следат предавања на кои ќе се дискутира и учи за родовата еднаквост.

Напорите помеѓу едно училиште сместено во сиромашниот кварт во околината на Мумбаи и Меѓународниот центар за истражување на жените му овозможи на 15-годишниот Шакир Парваз Шаик да разбере како функционираат двојните стандарди околу него.

„Ние зборуваме за тоа како момчињата и девојчињата се еднакви, но и како девојчињата ги третираме поинаку. На пример, на девојчињата не им е дозволено да играат крикет или да гледаат телевизија колку момчињата бидејќи мораат да извршуваат обврски по дома или бидејќи не е безбедно за нив надвор. Јас не го разбирав тоа претходно… Мислам дека не е фер“, вели Шаик.

Активистите сметаат дека со дискутирање на теми поврзани со нееднаквоста во секојдневниот живот би се намалило семејното насилство.

„Ако момчињата сега учат да се запрашаат за родовата злоупотреба, помала би била веројатноста да станат насилни кога ќе бидат мажи во иднина, а ако девојчињата се научат да зборуваат за тоа, ќе биде помала веројатноста да страдаат како возрасни“, вели директорот на Меѓународниот центар во Азија, Рави Верма.

Часовите доаѓаат откако Индија има за цел да го запре родовото насилство. Според Националното биро за криминални рекорди, во 2013 година насилството врз жените забележало раст од 26,7 проценти од претходната година. Податоците вклучуваат кривични дела како силување, сексуално малтретирање, трговија и киднапирање.

Голем број Индијци беа поттикнати да бараат промени откако девојка од Њу Делхи беше силувана и убиена од банда во 2012 година. Овој настан стана симбол за длабоко вкоренетата родова нееднаквост во Индија, како и неефикасноста на владата во обезбедување на правдата.

Во септември 2013 година, индискиот суд ги осуди четворицата вклучени во инцидентот. Претходно, овој месец, Индија забрани да се прикажува документарниот филм посветен на случајот во кој зборува еден од осудените.

Извор: Huffington Post