Илјадници студенти протестираа во Индија, гневни против апсењето на студентски лидер

Илјадници индиски студенти излегоа на протест на улиците на Њу Делхи, откако на претходен собир беше уапсен претседателот на студентското движење, Канаја Кумар. Тој бил приведен од полицијата откако на собирот наводно биле слушнати „антииндиски пароли“.

Демонстрантите главно се студенти на престижниот универзитет „Џавахарлал Нехру“, а протестот се гледа како обид да се зачуваат вредностите на универзитетот, наспроти владата, која многумина ја сметаат за нетолерантна и националистичка. На студентите им се приклучиле и многу други граѓани, меѓу кои има и интелектуалци, уметници и припадници на секој слој од општеството, јавуваат медиумите.

Студентскиот лидер Кумар е обвинет за поттикнување бунт против државата, откако полицијата добила дојава дека на протестот на 9 февруари, организиран како сеќавање на егзекуцијата на Афзал Гуру (кого властите го обесија пред три години поради учество во нападот на индискиот парламент во 2001 година), се слушнале „антииндиски пароли“.

Апсењето на Кумар, покрај серијата протести, предизвика и дебата за национализмот во државата, а повеќемина членови на Владата, вклучувајќи го премиерот Нарендра Моди и приврзаниците на неговата партија, сметаат дека студентите се против нацијата.

Вчера, владата соопшти дека ќе им наложи на 39 државни универзитети „истакнато и гордо“ да го постават индиското знаме на кампусот, со намера да се поттикне „национализмот и гордоста“ меѓу студентите.

Во меѓувреме, поддршката за Кумар пристигнува од сите области на големата земја, но и од светот, со протести организирани во повеќе индиски држави. Поддршка за борбата на индиските студенти стигна и од прославениот лингвист Ноам Чомски и од нобеловецот Орхан Памук.

Кумар денеска излегува пред Врховниот суд на Индија во обид да му биде одредена кауција, која ја побара поради страв за својата безбедност. Студентскиот лидер ќе биде суден за поттикнување бунт – кривично дело кое датира од колонијалното минато на Индија. На претходното рочиште, Кумар и неговите адвокати биле нападнати во судот, по што решиле правдата да ја бараат во Врховниот суд.

„Јас сум студент на универзитетот „Џавахарлал Нехру“, а не некој криминалец“, иајзвил Кумар, кој рекол у дека во случајот постои „вонредно прекршување на  системот на правдата, кое е без преседан“.