[Видео] Илјадници Словенци на велосипеди протестираа против владата

Синоќа околу 3.500 граѓани на велосипеди протестираа во Љубљана против владата и начинот на кој се справува со епидемијата од коронавирусот.

Како што пренесуваат регионалните медиуми, протестот се одвивал околу зградата на словенечкиот парламент и граѓаните извикувале слогани и истакнале транспаренти со кои барале оставка од владата на премиерот Јанез Јанша, за кој сметаат дека ја користи здравствената криза за дополнително зацврстување на својата власт.

Демонстрациите се одвивале во согласност со владините мерки против ширење на вирусот, каде се дозволуваат спортски активности и покрај забраната за групирање на луѓе. Истовремено најголем број од граѓаните кои учествуваа на протестот носеа заштитни маски на лицата.

Организатори на протестот биле 20-тина граѓански организации кои се мобилизирале преку социјалните мрежи. Претходно се демонстрираше од дома, со излегување на балконите, а најновиот протест беше наречен „од балкони на велосипеди“.

„Овој Први мај го одбележува нов бран на економска и социјална криза што е последица на борбата против глобалната пандемија со коронавирусот. Одговорот на владата, како и претходните и идните влади се состои во предвидливи буџетски кратења, стегање на ременот, одземање од народот за да се спасат банките, уништување на животната средина за корист на малкумина, репресија и популизам“, стои во нивната Фејсбук објава.

Словенечката влада оваа недела укина некои од рестриктивните мерки, бидејќи епидемијата на Ковид-19 е во опаѓање, но и понатаму се забранети собири. Локалните медиуми пренесуваат и дека слични протести, во помала бројка, биле одржани и во Марибор и Нова Горица.