Илјадници на протести во Чешка побараа оставка од премиерот Бабиш

Илјадници Чеси на протести побараа оставка од премиерот Андреј Бабиш, кој е соочен со обвиненија од полицијата и без поддршка од парламентарното мнозинство за неговата Влада.

Неколку илјади биле собрани на плоштадот Венцеслас во Прага, додека повеќе од 2.000 демонстрирале во Брно, јавува Ројтерс. Протести се одржале и во други градови и мали места.

Организаторите на протестите посочија дека не дозволуваат обвинет за криминал да ја предводи државната влада.

Бабиш е обвинуван дека пред една деценија злоупотребил субвенции од Европската Унија во вредност од 2 милиони евра. Премиерот негира било каква незаконитост.

И после шест месеци по изборите, на кои партијата на Бабиш убедливо победи, милијардерот сè уште бара коалициски партнер за владата и функционира како технички премиер на малцинска влада откако му  беше изгласана недоверба во јануари.

Коалициските преговори со социјалдемократите пропаднаа минатата недела поради неможноста да се постигне договор за распоредот на министерствата, а Бабиш не кажува што планира да прави пред најавената средба со чешкиот претседател Милош Земан во текот на денешниот ден.

Покрај случајот со субвенциите, Бабиш кој е роден во Словачка, истовремено се бори со обвиненија дека соработувал со тајната полиција во ерата на комунизмот.