Илјадници на протести во Белорусија побараа слободни избори

Неколку илјади луѓе во главниот град на Белорусија, Минск, во пресрет на претседателските избори кои ќе се одржат во недела, се собраа на протест на кој побараа гласањето да помине во слободна и фер атмосфера.

Актуелниот претседател, Александар Лукашенко, кој светските медиуми често го нарекуваат „последниот европски диктатор“, за првпат во неговата 26 годишна власт се соочува со сериозна опозиција.

Според Еуроњуз на улиците протестирале околу 5.000 луѓе.

„Сметам дека секои пет години треба да имаме нов претседател. Ни требаат нови идеи. Мислам дека сите овде ги интересира едно нешто – сакаме да бидеме слободни“, вели 33-годишниот Антон.

Белорусите главно се незадоволни со изборниот систем, лошата економска ситуација, авторитарната власт и начинот на кој Лукашенко се соочува со пандемијата на коронавирусот.

Сепак промена во власта тешко може да се очекува со оглед на историјата на недемократски избори, каде опозициските кандидати најчесто беа спречувани воопшто да се кандидираат на изборите.

Минатиот месец беше уапсен кандидатот Виктор Бабарико и му беше оневозможено да се појави на гласачкото ливче поради кривична пријава против него. Поранешната амбасадорка, Валери Цепкало, исто така нема да се појави на ливчето бидејќи потписите кои беа собрани за нејзината кандидатура биле поништени.

Во меѓувреме во трката се појави изненадувачки кандидат, 37-годишната Светлана Тикановскаја. Таа се пријави за изборите откако нејзиниот сопруг, Сергеј Тикановскај, познат блогер, беше уапсен во мај. Таа ветува ослободување на политичките затвореници и распишување нови избори за шест месеци откако ќе биде избрана за претседателка.

Многумина на вчерашните протести го извикуваа нејзиното име.