Илјадници на протести против корупција во Словачка

Неколку илјади Словаци вчера учествуваа во протестен марш против корупцијата, со барање за оставка на министерот за внатрешни работи, близок соработник на премиерот Робер Фицо, поради поврзаност со бизнисмен кој е под истрага за затајување данок.

И во останатите земји во регионот, меѓу нив и Романија и Унгарија, се одржуваа големи анти-владини протести последниве месеци.

Вчерашните демонстрации во Братислава, кои се едни од најголемите откако Фицо е дојден на власт во 2012 година, најмногу беа насочени кон министерот Роберт Калинак, кој одбива да се повлече од функцијата поради бизнис врските со бизнисменот со недвижнини Ладислав Бастернак, кој е под истрага за можна даночна измама.

Економијата во Словачка зајакнува, додека животниот стандард драстично се подигна откако земјата влезе во Европската Унија во 2004 година, но, многу Словаци сметаат дека нивната држава заостанува зад Западна Европа во борбата со корупцијата.

„Како млад татко, сакам мојот син да расте во земја каде ќе живее нормално и без да мора да прави компромиси со моралните вредности“, изјавил за Ројтерс 35-годишниот Матеј Матус, еден од околу 5-те илјади демонстранти во Братислава.

Според некои наводи, Калинак купил 17 проценти во една од компаниите на бизнисменот. И двајцата негирале било каква нелегална активност.

Критичарите се сомневаат дека додека Калинак е на функцијата, нема да биде возможно да се спроведе независна истрага по наводите за даночни измами. Дури и самиот премиер, Фицо, живее под кирија во стан кој е во сопственост на Бастернак во центарот на Братислава.

Во поддршка на демонстрантите застана и претседателот на Словачка, Андреј Киска, кој е голем ривал на премиерот Фицо.

„Ако останеме тивки ништо нема да се промени, затоа ги повикувам граѓаните да проговорат доколку забележат дека се случува некоја неправда“, изјавил тој во текот на неделата.

Владата на Словачка во последниот период ги зголеми напорите за справување со корупцијата, воведувајќи данок од 35% од компаниите во даночните раеви и забрана на компании со таинствена сопственост да соработуваат со државата.

Словачка е рангирана на 54-тото место меѓу 176 држави според индексот за перцепцијата на корупцијата на Транспаренси Интернешнал.