Илјадници медицинари од унгарските болници дадоа отказ поради револт од новите работни договори

Неколку илјади работници од унгарските болници поднесоа откази, осудувајќи ги новите државни договори за работа, додека управите на болниците се обидоа да ги убедат да ја сменат нивната одлука, тврдејќи дека Унгарија се соочува со трет бран на епидемијата со коронавирусот.

Според изјавата на Државната здравствена служба (ОФКО) од вторникот, „95 отсто од 110.000 вработени потпишале“ нови договори пред истекот на рокот, додека останатите 5.500 одбиле, па биле принудени да ги напуштат работните места.

Шефот на ОФКО, Золтан Јенеи, сакајќи да ја ублажи загриженоста, им посочи на новинарите дека здравствениот систем, иако е под притисок поради пандемијата, може да функционира, дури и подобро отколку порано. Законот за дефинирање на новите услови за работа беше усвоен од Парламентот во октомври, минатата година.

Со него, предвидено е зголемување на платите, кои премиерот Виктор Орбан ги оцени како „невидени“, а воведени се и санкции за мито што пациентите им ги даваат на лекарите, што е вообичаена практика во Унгарија.

Но, некои други одредби ги налутија работниците кои сметаат дека повеќе нема да добиваат бонуси или дека повеќе нема да им биде дозволено да вршат друга работа во приватните клиники.

Во Унгарија досега со Ковид-19 се заразени речиси 450 илјади луѓе, додека бројот на активни случаи изнесува 102.566.