Илјадници луѓе маршираат во Јуен Лонг, местото во Хонг Конг каде минатиот викенд хулигани со шипки нападнаа патници во метрото, по што 45 лица завршија во болница.
Демонстрантите ги наполнија улиците во градот-држава и покрај забраната од полицијата за собир. Луѓето на протестот скандираа пароли со критики кон полицијата, пренесува Гардијан.
„Доколку секој жител на Хонг Конг се одлучи да седи дома, тогаш дефинитивно ќе загинеме. Доколку сите луѓе се одлучат да станат и да се поддржат помеѓу себе, тогаш ќе создадеме подобро општество“, изјавил 30-годишниот Хонг, кој бил дел од маршот.
Дел од граѓаните изјавиле дека со протестот сакаат да го осудат насилството кое, според нив, било наменето да се заплашат и замолчат граѓаните.