Илјадници граѓани во Белград бараа оставки за рушењето во Савамала

Со запалени факели и повици „Оставки, оставки“ синоќа десетина илјади граѓани маршираа низ центарот на Белград поради нелегалното рушење на објекти во квартот Савамала. Протестот е организиран од иницијативата „Не да(ви)мо Београд“.

Со најава дека немаат намера да се откажат, граѓаните побараа морална и кривична одговорност од надлежните.

Протестот заврши пред зградата на Вишото јавно обвинителство, каде учесниците на протестот навија будилници за карикатурално да „го разбудат српското правосудство“, бидејќи обвинителството го прогласи за тајна името на обвинителот кој постапува во случајот на рушењето објекти во Савамала. Идентитетот на обвинителот не беше соопштен и покрај тоа што повереникот за информации од јавно значење навел дека таквата постапка не е во согласност со законот.

ctiqgvqxgaaruao

Протестите траеја околу два часа, под слоганот „нема страв, нема предавање“, со транспаренти на кои пишуваше „Паѓа Мали, ќе падне и големиот“, „Маските паднаа“, „Фантомките убаво ви стојат“, „Поради слободата – не даваме“, како и слики на жолтата патка која стана симбол за протестите.

Претставник на иницијативата, Радомир Лазовиќ соопшти дека организаторите на протестите претходните месеци се соочувале со разни притисоци и напади во медиумите.

„Во Информер имињата на организаторите се појавија 45 пати. Ни ги заокружија главите, ама нема страв и нема откажување“, рече Лазовиќ.

Ова е шести протест на „Не да(ви)мо Београд“ поради рушење на објектите и малтретирање луѓе во Савамала, ноќта помеѓу 24-ти и 25-ти април.

Иако српскиот премиер Александар Вучиќ како виновници за рушењето ги посочи градските власти, сè уште никој не презеде одговорност за случајот.