Илјадници демонстранти протестираа за поддршка на ЦЕУ, бараат да престанат нападите врз универзитетот

Илјадници демонстранти вчера вторпат излегоа на улиците во Будимпешта за да ја изразат својата поддршка за Централно-европскиот универзитет, откако Парламентот во Унгарија ги усвои измените во законот за високо образование. Со ова, работата на универзитетот значително се отежни и речиси е невозможно да продолжи да работи од идната година поради краткиот рок за приспособување на новите услови.

По бројните говори пред универзитетот, толпата извикуваше „предавници“ и „диктатор“ пред зградата на Парламентот. Протестот заврши мирно пред 20 часот со пеење на унгарската химна.

Според дел од унгарските медиуми, се случил мал судир помеѓу демонстрантите во првиот ред и полицијата што го штитела Парламентот, бидејќи дел од учесниците на протестот сакале да го веат знамето на Европската Унија.

Поради најавите за нови протести, вечерва ќе бидат затворени повеќе мостови во Будимпешта.

Според измените, секој странска финансирана образовна институција во Унгарија може да работи единствено откако земјата на потекло на институцијата и Унгарија потпишат меѓувладин договор. Исто така, со овие измени се налага универзитетот да функционира и во земјата на потекло.

Универзитетот на Централна Европа, основан во 1991 година, е познат како силен критичар на сегашната влада на Унгарија. Вработените тврдат дека измените се директен напад кон институцијата.