Илјадници демонстранти бараат оставка од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху

Неколку илјади Израелци вчера протестираа пред резиденцијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Ерусалим, повикувајќи го да поднесе оставка поради судење во кое тој е обвинет за корупција, но и поради растечката криза предизвикана од ширењето на коронавирусот, пренесува српски „Н1“.

Популарноста на Нетанјаху во последните неколку недели се намалува, а критики кон него доаѓаат од различни страни. Во Израел се одржаа серија протести за време на кои демонстрантите тврдеа дека Нетанјаху не е способен да ја води државата за време на судењето, додека други протестираа поради економската криза која се влошува како резултат на пандемијата.

Протестите ги водат активисти за борба против корупцијата, кои порачаа дека им е доста и дека политичар против кој се води судска постапка во никој случај не може да биде премиер.

Како што објави „Асошиејтед прес“, за време на протестот имало и мали судири помеѓу полицијата и некои демонстранти.