„Или-Или“: 10 години издаваштво со јубилејна 100-ка

Од 11 до 13 декември издавачката куќа „Или-Или“ прославува 10 години издавачка дејност со јубилејното, 100-то издание во популарната едиција ПРоАЗА. Честа да застане зад оваа бројка му припадна на писателот Џон Фаулс со романот „Црвец”. Се работи за превод на четврта книга од овој култен британски писател, по романите „Колекционер”, „Волшебникот” и „Жената на францускиот поручник”.

По тој повод, во книжарницата три дена дава попуст на нејзините изданија од -20% до -70%. Главниот настан за одбелжување на јубилејот ќе се случи во сабота од 10 до 16 часот, за кога се најавува дружба со авторите и преведувачите на оваа скопска издавачка куќа.

Освен јубилејната стотка, „Или-Или“ во изминатиот период издаде неколку книги од домашни автори и неколку преводи на европски наградувани автори. „Атена со пенис” на Александар Русјаков, „Куфер за тројца” на Живко Гроздановски и „Вишнова хроника” на Фросина Пармаковска се новите романи во едицијата од млади домашни автори, додека есеистичката едиција со свои книги ја надополнија Снежана Младеновска Анѓелков со филмската теорија „Слики со животна уверливост” и Линдита Кадриу со двојазичните книжевни „Есеи”.

Преводната литература, пак, е збогатена со преводи на романи од неколку европски јазици, со книгата на турската писателка Оја Бајдар „Мачешки писма”, на норвешкиот автор Гунстеин Баке „Мод и Од”, потоа, тука се и Унгарецот Шандор Жигмонд Пап со „Ништожни мали животи”, Швеѓанецот Пер Олов Енквист со „Посетата на дворскиот лекар”, како и нашинката Алина Апостолска со превод од француски на наградуваниот роман „Едно лето од љубов и пепел”.

Инаку, Или-Или својата издавачка дејност ја започна во 2004 година со превод на романот „Читачот” на германскиот писател Бернхард Шлинк, кој стана и најчитан автор во едицијата ПРОаЗА.