ИЈЗ: Зголемување од речиси 63% на смртните случаи од Ковид-19

Во периодот од 15 до 21 февруари годинава, неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) покажува дека се пријавени 70 смртни случаи од Ковид-19 од 13 градови, односно забележано е зголемување од 62.8 отсто во однос на минатата недела. Во однос на возраста пак, 65 лица од починатите биле на возраст од над 60 години, додека пет лица биле на возраст од 50 до 59 години.

Во истиот период биле тестирани вкупно 15.849 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, односно, намалување од 2.8% во однос на минатата недела. Притоа, регистрирани сe 2.320 нови позитивни случаи од 33 градови во државата со зголемување од 3.9% во однос на минатата недела.

„Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, 1.007 случаи или 43.4%, со неделна инциденца – 163.0/100.000. Највисока неделна инциденца од 412.8/100.000 е регистрирана во Неготино и во Кавадарци 409.0/100.000. Процентот на позитивност се движи од 11.8 до 16.3%, просечно 14.7%, на исто ниво како минатата недела“, стои во извештајот на ИЈЗ.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст од над 60 години, 575 случаи или 24.8%, а голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30 до 39 години, 445 случаи или 19.2%, од 40-49 години 442 случаи или 19.1%, од 50 до 59 години, 413 случаи или 17.8% и кај групата од 20 до 29 години, 300 случаи или 12.9 отсто.

Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 години, 38 случаи или 1.6% и кај лицата од 10 до 19 години, 107 случаи или 4.6 отсто.

По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 1.760 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 30.1% помалку во споредба со минатата недела, се додава во извештајот на ИЈЗ.

Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 15 до 21 февруари 2021, како и кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија се објавува на веб-страницата на Институтот за јавно здравје.