ИЈЗ: Зголемен бројот на оздравени, на нови случаи и починати минатата недела

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 1 до 7 февруари во споредба со неделата претходно регистрирано е зголемување на оздравените лица од Ковид-19, како и поголем број на починати и нови случаи на заболени од вирусот.

Изминатата недела рестирани биле 2.120 нови позитивни случаи од вкупно 14.398 тестирања, што е за 4% поголем број на новозаразени од претходниот извештај. Процентот на позитивност просечно изнесувал 14,2%, што е идентично како во претходниот извештај.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје – 47,7, додека највисока неделна инциденца од 415,7/100.000 е регистрирана во Демир Капија.

За 3% се зголемил бројот на смртни случаи. Минатата недела имало вкупно 66 починати од вирусот од 21 град низ Северна Македонија.

Истовремено за скоро 12% се зголемил бројот на оздравени лица, откако 3.322 лица изминатата недела се стекнале со овој статус откако го прележале вирусот

Регистрирани биле заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=568, 26,8%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30-39 (n=422; 19,9%), 50-59  (n=381; 18,0%), 40-49 (n=358; 16,9%) и 20-29 (n=257; 12,1%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=40; 1,9%) и 10-19 години (n=94; 4,4%).

Во текот на минатата недела (01-07.02.2021), до ИЈЗ се пријавени 649 материјали кои биле секвенционирани за присуство на “британскиот” сој на SARS-CoV-2 од три лаборатории (ИЈЗ, Жан Митрев и МАНУ). Од секвенционираните, 56 се позитивни за присуство на новиот сој на SARS-CoV-2. Од овие резултати е забележано дека “британскиот” сој на SARS-CoV-2 е присутен во осум градови, а најголем број случаи се откриени во Охрид (n=25), Прилеп (n=10) и Кавадарци (n=4).

„Согласно анализите од МАНУ, во последниот период се детектирани поголем број на нови варијанти, кои претходно не беа присутни кај пациентите во нашата држава, што може да укажува на континуиран внес на нови случаи на COVID-19 од странство“, напоменуваат од Институтот за јавно здравје.