ИЈЗ за Мовембер: Мажите 3-4 пати поподложни на самоубиства од жените, менталното здравје е занемарена област кај мажите

Во Македонија минатата година беа регистрирани 89 самоубиства 68 мажи и 21 жена. Иако мажите се соочуваат со повисок ризик од самоубиство во споредба со жените, многумина избегнуваат да побараат помош поради стигма.

Со цел да го одбележи Мовембер (Movember), месецот посветен на машко здравје, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) нагласува дека Мовембер е меѓународно движење што се одвива секоја година во текот на ноември, со цел да се подигне свеста за здравствените проблеми на мажите, вклучувајќи рак на простата, рак на тестисите, ментално здравје и превенција од самоубиство.

Името Мовембер е комбинација од англиските зборови moustache (мустаќи) и November (ноември), а растењето мустаќи е препознатлив симбол на кампањата. Ова движење не само што промовира здравје, велат оттаму, туку и создава глобална заедница што ги охрабрува мажите да зборуваат за своите проблеми и да преземат проактивен пристап кон својата физичка и ментална благосостојба.

„Мовембер започнал во 2003 година во Мелбурн, Австралија, кога група пријатели, познати како ‘Оригиналните 30’, одлучиле да пуштаат мустаќи во ноември за да го привлечат вниманието кон здравјето на мажите. Идејата била едноставна, но моќна: мустаќите станаа визуелен поттик за разговори за теми што често се занемаруваат. Од скромните почетоци, Мовембер прерасна во глобална иницијатива, поддржана од милиони учесници во повеќе од 20 земји, вклучувајќи ги САД, Канада, Велика Британија, Австралија, Македонија и многу европски држави. Движењето е организирано од фондацијата Movember, непрофитна организација што финансира програми за истражување и поддршка на здравјето на мажите“, велат од Институтот.

Денес, нагласуваат, Мовембер е многу повеќе од кампања за пуштање мустаќи. Тоа е платформа што обединува заедници, собира средства за истражувања и промовира промени во начинот на кој општеството гледа на здравјето на мажите. Преку настани, собирање донации и едукативни кампањи, Мовембер има собрано стотици милиони долари, кои се инвестирани во над 1.250 проекти за здравјето на мажите ширум светот.

„Мовембер се  фокусира на три клучни области на здравјето на мажите. Ракот на простата е еден од најчестите видови рак кај мажите, особено кај оние над 50 години. Мовембер промовира редовни прегледи и едукација за раното откривање, што може значително да ги зголеми шансите за успешно лекување. Во однос на ракот на тестисите, иако е поретка форма на рак, тој главно ги погодува помладите мажи (на возраст од 15 до 35 години). Мовембер ги охрабрува мажите да се запознаат со симптомите и да вршат редовни самопрегледи. Мажите се соочуваат со повисок ризик од самоубиство во споредба со жените, а многумина избегнуваат да побараат помош поради стигма. Мовембер работи на нормализирање на разговорите за менталното здравје и обезбедува ресурси за поддршка“, посочуваат од Институтот за јавно здравје.

Покрај овие цели, Мовембер се стреми да ги промени општествените норми што ги спречуваат мажите да зборуваат за своите проблеми. Кампањата ги охрабрува мажите да бидат отворени, да бараат поддршка и да водат поздрав живот.

„Мажите често избегнуваат лекарски прегледи или не зборуваат за своите здравствени проблеми поради културни очекувања дека треба да бидат ‘силни’ и ‘независни’. Ова може да доведе до доцна дијагноза на сериозни болести, како ракот на простата или тестисите. Мовембер ја користи симболиката на мустаќите за да иницира разговори и да ја разбие стигмата околу овие теми. Преку кампањите, мажите се едуцираат за важноста на редовните прегледи и превентивните мерки. Менталното здравје е една од најважните, но и најзанемарените области во здравјето на мажите. Според статистики, мажите имаат три до четири пати поголема веројатност да извршат самоубиство во споредба со жените. Мовембер работи на создавање безбеден простор каде што мажите можат да зборуваат за своите емоции, да побараат помош и да се справат со предизвиците како депресија и анксиозност. Програми како ‘Move for Movember’ ги охрабруваат мажите да бидат физички активни, што исто така позитивно влијае на менталното здравје“, нагласува Институтот.

Дополнително, средствата собрани преку Мовембер се инвестираат во истражувања за рак на простата и тестисите, како и во програми за поддршка на менталното здравје. На пример, фондацијата Movember има финансирано проекти за развој на нови методи за дијагностика и лекување, како и иницијативи за подобрување на пристапот до психолошка поддршка за мажите.

„Мовембер создава чувство на заедништво, каде што мажите и жените се здружуваат за да поддржат важна кауза. Учеството во кампањата, било преку пуштање мустаќи, организирање настани или донирање, ги поврзува луѓето и создава позитивна енергија. Оваа солидарност е клучна за промовирање на промените во општеството. Мовембер ги охрабрува мажите да водат поздрав живот, вклучувајќи редовна физичка активност, здрава исхрана и грижа за менталното здравје. Настани како ‘Move for Movember’ ги мотивираат учесниците да трчаат, пешачат или да се вклучат во други физички активности, што има позитивно влијание врз целокупното здравје“, посочуваат од ИЈЗ.

Од аспект на влијанието, веелат оттаму, Мовембер има направено значителни промени. Односно, финансирање на над 1.250 проекти за здравјето на мажите, вклучувајќи истражувања за нови третмани и дијагностички методи.

Исто така, подигање на свеста за важноста на раното откривање на ракот, што спасило безброј животи, но и создавање програми за поддршка на менталното здравје, како што се иницијативи за обука на мажите да зборуваат за своите емоции.

Бојан Шашевски