ИЈЗ: Намалување на бројот на смртни случаи од Ковид-19, зголемен бројот на новозаразени

Од 4 до 10 јануари годинава биле пријавени 74 смртни случаи од Ковид-19 во 24 града, со намалување од 20.4% во однос на минатата недела, ова го покажуваат податоците од најновиот извештај на Институтот за јавно здравје, соопштува Министерството за здравство (МЗ). Во однос на возраста, во извештајот се додава дека 64 лица кои починале биле на возраст над 60 години, 7 лица на возраст од 50-59 години и 3 лица на возраст од 40-49 години.

Во овој период тестирани се вкупно 13.022 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, односно, зголемување од 20.8% во однос на минатата недела.

„Регистриран e 2.471 нови позитивни случаи од 34 градови во државата со зголемување од 6.1% во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=1.140; 46.1%), а највисока неделна инциденца од 307.6/100.000 е регистрирана во Берово. Процентот на позитивни од тестирани во споменатиот период изнесува 19%“, стои во извештајот на ИЈЗ.

Истовремено, таму се посочува дека регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Па така, најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години, односно 622 случаи или 25.2 отсто, а голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40-49 години, 470 случаи или 19 отсто, кај групата од 50-59 години, 455 случаи или 18.4 отсто, групата од 30-39 години, 455 случаи или 18.4 отсто и кај возрасната група од 20-29 години, каде се регистрирани 330 случаи или 13.4 отсто.

Најмал број на заразени е регистриран кај децата од 0 до 9 години, 39 случаи или 1.6 отсто и кај возрасната група од 10-19 години, 100 случаи или 4 отсто.

„По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 4.460 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е 14,8% повеќе во споредба со минатата недела“, се додава во извештајот на ИЈЗ.

Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 4 до 10 јануари 2021 г. како и кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје.