ИЈЗ: Намалување на бројот на новозаразени и починати од Ковид-19

Во периодот од 18 до 24 јануари годинава, регистрирани се 1.727 нови позитивни случаи на Ковид-19 од 34 градови во државава, односно, тоа претставува намалување од 28 отсто во однос на минатата недела, стои во новиот неделен извештај на Институтот за јавно здравје, соопшти Министерството за здравство (МЗ).

Истовремено, во тој период се тестирани вкупно 11.036 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2 или намалување од 21.8 отсто во однос на минатата недела.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, 851 случај или 49.3 отсто од случаите, со неделна инциденца од 137.8 заразени на 100.000 граѓани, додека највисока неделна инциденца се забележува во Кавадарци, 190.5 случаи на 100.000 граѓани.

„Процентот на позитивност во споменатиот период се движи од 9 до 19%, или во просек 14%, што претставува намалување од 2% во однос на минатата недела. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60, 507, или 29.4%. Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40-49, 229 или 17.3%, 50-59, 298 или 17.3, 30-39, 287 случаи или 16.6% и 20-29, 231 или 13.4%. Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 години, 32 или 1.9% и 10-19 години, 73 случаи или 4.2%“, стои во соопштението на МЗ.

Пријавени се 69 смртни случаи од 23 града, се додава во извештајот на ИЈЗ, или, намалување од 12.7 отсто во однос на минатата недела. Од починатите, 55 лица биле над 60 години, 11 лица на возраст од 50-59 години, две лица од 40-49 години, како и едно лице од возрасната група од 30-39 години.

По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 5.084 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 12.1% помалку во споредба со минатата недела, се посочува во извештајот на ИЈЗ.

Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 18 до 24 јануари 2021 година, како и кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје.