Играта „Minecraft“ влегува во американските училишта

Од идното лето, нова верзија на популарната игра на Microsoft, „Minecraft“ ќе биде дел од наставата во американските училишта, каде ќе служи како помагало за најразлични области – од кодирање и математика, до историја, географија и цивилно инженерство.

Играта, во која корисниците можат да градат сопствени виртуелни светови со користење на градбени блокови, ја играат повеќе од 22 милиони луѓе низ светот, а верзијата MinecraftEdu е веќе дел од 7.000 училници во 40 земји.

„Наставниците открија дека тоа што играта нема централна поента, туку секој играч одлучува што точно ќе прави, им дозволува да ги обликуваат своите лекции спрема играта“, вели Ву Буи, директор на компанијата што ја развива играта, Mojang, која Microsoft ја купи во 2014 година, за 2.5 милијарди долари.