„Играме заедно“ и „Мој карактер“ – идни платформи за родители и наставници

„Играме заедно“ и „Мој карактер“ се победниците на првиот #Inno4Edu – образовен камп за поттикнување на креативност во образованието. „Играме заедно“ е замислена како платформа за аналогни игри за деца од 3 до 6 години, додека „Мој карактер“ треба да им помогне на наставниците од 1 до 3 одделение полесно да ја воведат воспитната компонента во редовната настава.

Играме заедно

Како што појаснува Сања Петровска, едукаторка што работи со деца од училишна и предучилишна возраст, а е дел од екипата задолжена за „Играме заедно“, нивната идеја била да им се понуди алатка на воспитувачите и родителите што ќе го олесни процесот на едукација преку играње со децата.

„Ние сакаме децата да ги тргнеме настрана од компјутерите, да ги изнесеме надвор во паркот“, вели Петровска.

„Игрите се ставени во неколку пет категории. Има се, од игри за физичка активност, за когнитивен развој до игри за описменување, логичко-математички игри. Секоја игра што ќе поттикне некаков вид развој на децата ќе биде ставено овде. Од прости игри што сите ги знаеме и сме ги играле како криенка, ластик, до логопедски игри, сложувалки и креативни активности кои на децата ќе им бидат интересни, а на воспитувачите и на родителите ќе им бидат добар водич за да работат со нив“, појаснува едукаторката.

Заедно со описот на играта, потребните материјали и појаснувања, платформата ќе вклучува и појаснување за тоа која игра како влијае на детето и на кој начин може да помогне во развојот на неговите вештини. Сите содржини ќе бидат на македонски јазик и лесно достапни за сите.

„Идејата е да се помогне на образовниот кадар да дојде до содржини кои ќе им бидат лесно достапни. Воспитувачите сега многу пребаруваат и адаптираат. Програмата постои, курикулумот е тука, но дава само насоки кои цели треба да се постигнат, а не го дава начинот како тоа да се направи. Сега воспитувачите губат многу од своето слободно време за да можат да организираат часови со децата“, вели Петровска.

Мој карактер

Платформата „Мој карактер“ пак треба да им понуди на наставниците нови начини со кои ќе им се помогне да го воведат воспитниот сегмент во образованието. Студентката Симона Стојчевска, која беше дел од овој тим, за потребата од воведување на карактерното образование го посочува и својот личен пример.

„Неопходна е воспитната компонента во образованието. Јас бев првенка на генерација во основно, но некои доблести како самодоверба или интеракција со луѓе не ми беа на исто ниво со петките во свидетелство“, раскажува Стојчевска.

„Карактерното образование се однесува на воспитниот елемент на наставата и може да го сфатиме како насочување на децата со цел да развијат некои доблести како љубопитност, храброст, соработка, тимска игра, благодарност, кои ќе помогнат во тоа децата да пораснат во поквалитетни луѓе, а со тоа и за подобро општество“, вели таа.

Истражувањето кое го направиле за потребите на платформата покажало дека иако постои предмет „Животни вештини“, во кој децата треба да учат практични работи, нема доволно време за ваквите вежби. Стојчевска забележува дека многу работи зависат и од самите наставници.

„Дел од нив навистина се трудат и бараат нов, иновативен начин како да ги подучат децата, но за жал ги има и другите наставници кои едноставно гледаат само да го поминат часот“, вели таа.

Како е замислено функционирањето на „Мој карактер“ пластично објаснува Софија Богева, координаторка во „СмартАп“, лабораторијата за социјални иновации од Скопје кои го организираа образовниот камп.

„На пример, ако денеска треба да учиме дропки, ама сакаме да ја поттикнеме љубопитност кај децата – како да го направиме тоа? Преку вежба, децата прво сами откриваат што се дропки, разговараат со своите родители, наставници, па дури потоа им се предава лекцијата. Кога зборуваме за животна средина, не им кажуваме дефиниција за екологија, туку одиме надвор на терен, ја разгледуваме околината, гледаме дали има ѓубре, па врз таа основа децата треба да осознаат што е тоа екологија“, вели Богоева.

Дополнува и дека сите вежби кои ќе бидат поставени на „Мој карактер“ се во согласност со програмата која ја следат училиштата.

„Она што ние ќе го понудиме, нема да биде нешто дополнително и надвор од наставата, туку ќе бидат вежби и активности кои ќе може да се прават на самите часови“, вели Богева.

Тест производи

И двете платформи, иако можат да се видат онлајн, се изработени само до фаза за тестирање, а светлото на денот би требало да го видат за две години.

„Сега сме во фаза кога имаме решенија во фаза во која можат да бидат тестирани пред одреден број луѓе, но за да бидат завршени потребно е многу повеќе да се доработат во поглед на содржина, дизајн“, појаснува координаторката на „СмартАп“.

Тестирањето на платформите кои настанаа на #Inno4Edu, според плановите на „СмартАп“ би требало да трае до февруари, по што ќе се пристапи кон нивна доработка.

„Не е само тоа дали веб сајтот и содржината се добри, туку дизајнираме нови пристапи за активно вклучување на самите корисници, не само за време на подготовка на настава, туку и за време на реализација на часот. Се надевам дека поголем број институции ќе поддржуваат вакви проекти во иднина“, вели Богева.

Ј.Ј.