„Игра“ за стартот на новата сезона на Театар 007

Една од најбараните фестивалски претстави „Игра“ од Дамил Хармс, која е изведувана речиси на сите меридијани, официјално ја отвора новата сезона на Театар 007.

„Игра“ за стартот на новата сезона на Театар 007

Претставата ќе биде изведена утре (вторник, 21 октомври) во 20:00 часот во Универзалната сала, во режија на Игор Ивковиќ.

ИГРА е претстава – револт и тоа револт на стандардизираната шема на создавање театарски дела најчесто поставувани во т.н. Класичен театар кој се негува во професионалните ансамбли. Тие претстави во голема мера се темелат на основно кажување текст, со основни движења и со пренагласена емоција… претстави во кои движењето е заборавено.

А токму Движењето е основниот елемент на сите игри, кои ги играат децата, тинејџерите, возрасните, но и старите луѓе. Оваа претстава е уште еден револт и на сите политизирања на театарот. ИГРА е алтернативна приказна на професионалниот театар. Таа е Карикатура на претставите во кои се величи национализмот, патриотизмот, наспроти глобалноста, широкоградоста и прифаќањето на различностите. Ова е претстава во која се иронизира, исмејува и пародизира се што значи „локално“, „мое“, наспроти „глобално“ и „наше заедничко живеење исполнето со игра.“

Режисер на претставата е Игор Ивковиќ, продуцент е Миодраг Костиќ, сценографијата и костимите се на Ивана Кнез. Улогите во претставата ги играат: Фаик Мефаилоски, Филип Кипровски, Ангела Наумоска, Јана Пауновска, Дарко Богески, Илина Матеска, Стефан Петровски, Анастасија Ашкилова.