Игор Дурловски си поднесе оставка

Оперскиот пејач Игор Дурловски соопшти дека си поднел оставка од функцијата директор на МОБ и од позицијата професор на Факултетот за музичка уметност. Својата оставка ја објави на Фејсбук.

„Жалам што сите овие општествени превирања се случуваат во година кога одбележуваме два значајни јубилеи и со кои требаше да создадеме нова страница со врвни уметнички достигнувања. За жал, а можеби некому за среќа, ниту МОБ не беше поштеден од негативните ефекти од наметнатите општествени услови кои се одразија врз целокупната работна атмосфера, расположението на нашата публика, безбедносниот скептицизам на дел од нашите гости-уметници, и ред други помалку значајни нешта“, напиша тој на Фејсбук.

Нагласува дека ова не бил ниту политички став, ниту став за уметничката дејност на Македонската опера и балет. Тој во објавата на Фејсбук вели дека последен ден на работа во МОБ ќе му биде 25 мај, а на позицијата професор во ФМУ ќе остане до крајот на јунската испитна сесија.

Инаку, Дурловски беше еден од предводниците на иницијативата „За заедничка Македонија“. По упадот и насилството врз пратениците во македонското Собрание, за време на протестите на 27-ми април, тој се откажа од организирање на протестите, но остана учесник и поддржувач на иницијативата.

Пред речиси две недели, претседателот Ѓорге Иванов му врачи Орден за заслуги за Македонија, поради улогата што Македонската опера и балет ја имала во промовирање на македонското и светското творештво од областа на оперската и на балетската уметност.