ИГеографија.мк: Да ги сочуваме Пехчевските водопади додека не е предоцна!

Откако во 2017 година беше изградена малa проточна хидроцентралa, природата и Пехчевските водопади се делумно уништени, пишува потралот Игеографија.мк.

Ж’тачкиот и Љутачкиот водопад, во летниот период се речиси безводни, а Скокото е со минимална количина на вода. Пехчевските водопади долг период беа непознати за пошироката јавност, но станаа интересни откако медиумите почнаа да известуваат за нив. Паралелно со туристичкото уредување на локалитетот Равна Река, во периодот 2010-2014 година беа уредени патеки и пристапи до самите водопади. Во меѓувреме патеките со придружните конструкции (мовчиња, скали, клупи, држачи и др.) во голем дел се уништени и оставени на забот на времето, а пристапот до некои водопади веќе е небезбеден, особено во зимскиот период.

„Заради сето наведено, потребни се соодветни мерки и активности за зачувување на она што сеуште може да се „спаси“ од овој прекрасен и чист природен предел. Тука се мисли пред се на реставрација на туристичката инфраструктура и пристапите до водопадите, како и контрола на количеството на вода што се зафаќа за хидроцентралата (а која не треба да е под минимално дозволената). Во таа смисла, неопходна е дополнителна заложба на општината Пехчево, на Источниот Плански регион, но и на соодветните државни институции“, стои во текстот на Игеографија.мк, каде како автор е потпишан универзитетскиот професор Ивоца Милевски.

Пехчевски Водопади се наоѓаат во долината на Брегалница, поточно под нејзиниот изворишен дел, на „границата“ помеѓу Влаина и Малешевски Планини. Водопадите се само 5-10 km југоисточно од градот Пехчево, па затоа и нивното заедничко име. Овој дел од реката Брегалница, каде се составуваат Требомирска, Љутачка и Крива Река е познат под името Валавица (или Валавичка Река), поради слаповидниот пад на водата и бројните брзаци. Низводно, по вливот на Равна Река, Брегалница има помал пад, помирен тек и поширока долина, па овој нејзин дел се нарекува Равна Река. За разлика од Брегалница (или Равна Река), нејзините кратки странични притоки имаат голем надолжен пад и неколку водопади. Во целото подрачје има десетина водопади, од кои 5 се повисоки од 4 метри и тоа (одејки низводно): Ж’тачки, Љутачки, Скокото, Црндолски и Спиковски.

Целиот текст може да го прочитате на Игеографија.мк.