Игбале Ферати: Не бараме „Дизниленд“ во Тетово, само чист воздух

„Нашите деца не играат повеќе надвор, бидејќи е многу ризично да го дишат овој воздух“, вели Игбале Ферати, од граѓанската организација „Мајки и деца“ во интервју за Утрински весник.

Тетово е најзагадениот град во земјата и еден од најзагадените во Европа. Имате ли податоци како влијае огромната концентрација на ПМ-честичките во воздухот врз здравјето на Тетовци, особено на децата?

Загадувањето е една од најголемите причини за зголемениот број хронични белодробни заболувања, спонтани абортуси, срцеви заболувања, цистична фиброза – и за жал рак. Ние веќе не сметаме дека воздухот во Тетово е загаден, туку тој е отровен. Мерните станици во Тетово ги мерат и регистрираат само ПМ-10 честичките, но не и ПМ-2.5. Но, на јавната дебата што се одржа помеѓу граѓанскиот сектор и Министерството за екологија побаравме да се воведе и мерење на ПМ-2,5 честичките. Од страна на разни експерти и доктори, но и во извештаите на Светската здравствена организација, ПМ-2.5 честичките се класифицираат како поопасни, бидејќи како поситни, тие можат подлабоко да влегуваат во човечкиот организам и да направат големи штети. Во многу земји е строго забрането присуството на овие честички во населени места.

Но, за жал, факт е дека што се повисоки нивоата на ПМ-10, толку се повисоки и нивоата на ПМ-2.5. Во Тетово имало денови кога се регистрирало 800- 900 микрограми ПМ-10 честички на кубен метар, значи дури 20 пати повеќе од дозволеното.

На плоштадот во Тетово организирате протест на мајки и деца, во кој ќе дадете играчки во замена за филтрите на „Југохром“. Сметате ли дека оваа компанија е единствениот загадувач на градот?

Нашиот фокус и цел е намалувањето на загаденоста, се’ додека мерните станици не покажат вредности кои се дозволени и прифатени од страна на СЗО. Затоа, повикуваме за поддршка и од другите градови да ни се придружат за да го одбраниме тоа што ни е највредно – животот на нашите деца. Ниедно дете не треба да пропушти ниту еден дел од детството, само затоа што некоја фабрика се однесува неодговорно. Нашите деца не играат повеќе надвор, туку ги држиме изолирани во домовите, бидејќи е многу ризично да го дишат овој воздух. Ова не е изолиран проблем на само еден загадувач, би било многу неточно да се каже дека само „Југохром“ ни го загадува воздухот. Возилата и домаќинствата исто така загадуваат. Но, комбинатот е најголемиот загадувач и тоа е јасно кажано во студија на проф. Миле Србиновски. Тој проценува дека во загадувањето на полошкиот регион „Југохром“ учествува со 54 проценти. Ова и ние самите го гледаме и го чувствуваме, затоа што во деновите кога нема активности во „Југохром“ мерните станици покажуваат драматично пониски концентрации на ПМ-10.

Целото интервју прочитајте го на веб-страницата на Утрински весник.