ИДСЦС: Само 7-12 отсто од дискусиите во Собранието водени од пратениците Албанци

Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС) во насока на развојот на доброто управување, партиципативната политичка култура и соживотот помеѓу различностите го анализираше учеството на пратениците Албанци во работата на Собранието во поголем дел од мандатот на последниот состав.

Според Деловникот на Собранието на Република Македонија, велат од ИДСЦС, пратеникот има право и должност да присуствува на седниците на Собранието и да учествува во работата и во одлучувањето.

„Спротивно на ова од 2268 набљудувани дискусии во период од јуни 2014 до мај 2015 , 1926 дискуси беа водени од македонските пратеници, додека само 280 од албанските пратеници, односно 85% од дискусиите беа водени од македонските пратеници, 12% од албанските пратеници и само 3% од останатите етникуми. Истиот тренд може да се забележи и во последниот извештај од набљудувањето (април 2016 – јуни 2016) каде како најактивни, повторно, се појавуваат пратеници Македонци кои ги водеа 91% од дискусиите, пратениците Албанци водеа само 7% од дискусиите, додека пратениците од другите етнички групи водеа 2% од дискусиите.

Од ИДСЦС забележуваат дека темите за кои пратениците Албанци се најгласни се однесуваат на процесот на интеграција во Европската Унија. Во дискусијата за Извештајот за реализираните активности од националната програма за усвојување на правото на ЕУ, 50% од дискусиите биле водени од пратеници Албанци, 25% од пратеници Македонци и 25% од другите етнички заедници.

„Друга тема во нивни интерес се дискусиите околу јазичните политики, а пратениците на ДПА специфично најчесто се фокусираа на дебатите за државниот буџет. Од друга страна, пратениците Албанци се минимално или воопшто не се вклучени на седници кога се дискутира за закони и теми кои се однесуваат на спорт, заштита на децата, социјално осигурување, здравство, извештаи на државни органи, пензиско осигурување, седниците посветени на пратенички прашања, кривичниот законик, комисијата за верификација на факти итн“, анализираат од ИСДСЦ.

Во целиот набљудуван период од (јуни 2014 до јуни 2016) на седниците посветени на пратенички прашања активноста на пратениците Албанци била минимална. Односно, во зависност од набљудуваниот период, тие биле активни само 3 до 19 отсто во дискусиите.

„Од друга страна Комитетот за односи меѓу заедниците како едно од работните тела каде формално може да се дискутира за прашања околу односите меѓу заедниците во текот на последниот состав на Собранието одржа само три седници фокусирани на технички прашања. Пратениците во Собранието имаат генерален мандат и нивна должност е да ги претставуваат сите граѓани. Преку поголемо учество во дискусиите за сите теми од работата во законодавниот дом пратенците можат да дадат поголем придонес кон мултиетничкото и мултикултурното општество и унапредување на состојбата на сите заедници на јавни седници“, анализираат од ИДСЦС.