ИДСЦС: Пораст и во исполнетите и во неисполнетите активности од планот 3-6-9

Во делот „6“, односно вторите три месеци на владиниот реформски план „3-6-9“, споредено со првите три месеци, забележан е пораст на процентот на исполнети, но и пораст на неисполнетите активности, покажува вториот извештај на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) кои го следат исполнувањето и спроведувањето на планот.

Според Институтот од вкупно предвидените 31 активност, 16 активности се исполнети, 5 активности се делумно исполнети, додека 6 активности се неисполнети. Од ИДСЦС посочуваат дека 4 активности предвидени во делот „6“ на планот „3-6-9“ се немерливи.

Од денешната презентација на извештајот / ФОТО: ИДСЦС

Делот „6“ се однесува на период од локалните избори до крајот на 2017 година. Споредено со делот „3“, процентот на исполнети активности, како што наведуваат од ИДСЦС, е во пораст од 41% на 52%, исто како и процентот на неисполнети активности од 14% на 19%. Процентот на делумно исполнетите активности останува ист, односно 16%, додека забележан е пад во процентот на немерливи активности од 29% на 13%.

„Се забележува подобрување на планот во насока на зголемување на неговата мерливост и предвидливост. Друг позитивен момент е што Владата, овој пат, го објави планот во целост односно ги објави активностите кои треба да бидат преземени за целото времетраење на планот 3-6-9. Исто така, како позитивно се оценува и направената приоретизација во однос на реформски области. За разлика од претходниот план, овој пат, акцентот е ставен на реформите во правосудството, безбедносните и разузнавачките служби и јавната администрација“, наведуваат од ИДСЦС.

Од Институтот посочуваат дека покрај позитивните моменти, забележани се и аномалиите кои повторно се повторуваат во планот –  мерки кои по својата природа се континуирани активности на институциите, или нивна ресорна надлежност, кои не се и не можат да бидат реформска активност.

Целосниот извештај е достапен на следниов ЛИНК.