Паметното планирање може да спречи незгоди и катастрофи, па оттука е важно граѓаните ова да го очекуваат и да го бараат тоа од локалните власти, сметаат од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС).
„Во плановите за раководење на општините треба да се предвидат чекори за справување со различен вид на кризни сценарија и да се направи план како тие да имаат најмал можен негативен ефект врз населението и природата. Граѓаните треба да го очекуваат и да го бараат тоа од локалните власти. Претстојните локални избори се одлична можност политичките партии во своите програми да се концентрираат и на управување со кризи, заштита и спасување како тема која што треба биде една од основните за креирање на политики за ефикасно функционирање на општините“, посочуваат од ИДСЦС.
Реакцијата доаѓа како потсетник дека илјадници хектари шума изгоре во пожарите, а штетата е голема и тешко се надоместува. Големи пожари ги зафатија Грција и Турција, а поплави и свлечишта ги изненадија Германија, Австрија, Холандија и Белгија.
„Никој не е имун на климатските промени кои во иднина ќе стануваат се поизразени и ќе предизвикуваат се почести катастрофи. Последиците од несреќи најмногу се чувствуваат на локално ниво, а општините се први на удар. Затоа е потребно локалните власти да работат на овој предизвик паметно, одговорно и организирано, а намалувањето на ризиците од катастрофи треба да станат дел од секојдневната работа на институциите“, велат од Институтот.
Посочуваат дека брзата, навремена и ефикасна реакција и координација како и претходна подготовка, организација и навремено предупредување може делумно или целосно да спречи многу загуби. Додаваат дека се потребни испланирани и одлучни акции од општините, државата, но и од граѓаните, кои најчесто се првите сведоци на природните катастрофи.
Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје, преку проектот „Подобрен капацитет за управување со кризи на општините во Северна Македонија“, на осум општини им помага да развијат стратегии за намалување на ризици од катастрофи и непогоди.