„Иднината на програмите за намалување на штети во време на криза” – Дискусија во организација на ХОПС

Денеска, (27 јуни) во 19 часот ХОПС организира онлајн панел дискусија на тема „Иднината на програмите за намалување на штети во време на криза”.

Дискусијата ќе се емитува на Фејсбук страната на ХОПС, а заедно со нивните претставници, Влатко Деков и извршната директорка Хајди Штерјова Симоновиќ, ќе биде и Стефчо Стефанов од добро здружението “ИЗБОР” Струмица.

„Идејата за овогодишниот настан Support. Don’t Punish! e преку панел-дискусија, да се сврти вниманието на една од директните последици од кратењето на буџетот за системот на заштита од ХИВ, од страна на Министерството за здравство, кое практично значи исклучување на неколку илјади граѓани и нивните семејства од здравствениот и социјалниот систем, пораст на епидемијата на ХИВ, губење човечки животи, но и повеќекратно зголемени трошоци за лекување во следните 5 до 10 години.  Поради кратењето веќе се стави клуч на врата на дел од центрите што нудат услуги за маргинализирани и обесправени лица и неповратно ќе се изгубат веќе изградени капацитети, со што се фрлаат во вода досегашните домашни и странски инвестиции, кои ја држеа ХИВ-епидемијата под контрола.  Нашата организација после 15 годишно постоење, мораше да го затвори Дневниот Центар за намалување на штети од употреба на дроги во Шуто Оризари“, велат организаторите.

Оваа дискусија е дел од глобалната кампања „Support. Don’t Punish!“, која се одржува по повод Меѓународниот ден за борба против дрогите.

Почнувајќи од 2013 година, секоја година на 26 јуни здруженијата и слободоумните поединци од целиот свет со мотото Support. Don’t Punish. ги предизвикуваат своите влади и меѓународните организации да се откажат од прогонот на луѓето кои употребуваат дроги и да воведат похумани политики и практики засновани на докази и на потребите на луѓето.

Како дел од кампањата ќе имаме и креативна работилница каде луѓето кои ги користат услугите на ХОПС, ќе изработат маици со логото на Support. Don’t Punish!