Иднината на Македонија мизерува во студентските домови

Студентите се жалат дека ги немаат ниту основните услови за живот како топла вода и греење. Во нивните соби има влага, прозорците се искршени и од плафоните протекува вода. Ништо подобра не е ситуацијата во тоалетите, се вели во саботната анализа на Радио Слободна Европа.

Фото: Нова тв

Фото: Нова тв

Студентскиот дом Гоце Делчев на прв поглед е импозантна градба, но откако е изграден по земјотресот не треба да си студент за да ти стане јасно дека условите за живот во четирите блока на зградата се ужасни и нехумани. Гоце Делчев е дом на околу 1.200 студенти, кои месечно плаќаат по 3.500 денари закупнина.

Доволно е да се прошеташ низ тесните ходници чии ѕидови се распаѓаат, а лифтовите не работат, па студентите треба да пешачат до 14-ти кат. Тоалетите се поплавени, плочките искршени, а вратите на туш кабините се дотраени, при што се шири неподносливата миризба.

Ништо подобри не се условите и во собите, каде прозорците се искршени, има влага и прокапува плафонот. Дека далеку од достоен е животот во Гоце Делчев сведочат и студентите, кои велат иста е ситуацијата и во другите домови, но сакаа да зборуваат само анонимно, бидејќи се плашат оти ќе го загубат правото на какво-такво место во домот, анализира РСЕ.

Имаат ли што да слават македонските студенти на 11 декември?

„Често се случува да нема топла вода, има влага, нечисто е, лифтот често заглавува, а има 14 ката, па мора пеш да се искачуваат до горе, нема ни добро јадење, а се плаќа по 3.500 денари, лошо е едноставно.“

Во блоковите В и Г во собите имаат ве-це, ама има влага, нечисто е, а во А и во Б е катастрофа, старо е, нема вода, нема услови.“

„Секаде има влага, тоа што е искршено не е поправено, студентите сами кој што може да си направи, си средува во собата, како ќе ја средиш, така останува. Тие што имаат тоалет во соба, сами си ги одржуваат, мора секој сам, оти таму живее, а во другите блокови тоалетите се лоши. Прозорците се скршени во ходниците, има промаја, кога одиш да се бањаш низ ходник треба да поминеш, тоа е.“

„Немаш добро ве-це, нема добри тушеви, нема парно, од секаде дува, сега се грееме со греалка. И собите се катастрофа, од сите страни дува, прозорите искршени, вратите искривени“, велат студентите кои инсистираат на анонимност.

Ситуацијата на македонските студенти ја потврдуваат и невладините организации кои се борат за унапредување на нивните права. Дона Костуранова од Младинскиот образовен форум вели дека студентските домови не ги исполнуваат најосновните услови за живот.

„Живеење во ладни соби на ужасни температури, нема топла вода, ниту, пак, пристојни услови за живот, а понатака се појавуваат и други проблеми кои се пошироки, од типот на расипани лифтови, студентите пешачат и по 14 катови, проблеми со храната, проблеми со интернетот за кој упорно се тврди дека ќе се обезбеди во домовите. Во неколку наврати имавме проблеми дури и со самата количина на храна која се обезбедува во студентските мензи, студентите испраќаат и фотографии со инсекти кои ги наоѓаат во храната. Тешко е да зборуваме за условите кои ги имаат студентите за учење, живеење, социјален и активен студентски живот во домовите, кога ниту основните услови не се исполнети“, вели Костуранова.

Бојан Матовски од Слободен индекс вели дека веќе на сите им се познати проблемите со кои се соочуваат студентите во домовите. „Дека немаат ни топла вода, немаат ни доволно храна, а за тоа што го имаат за храна, како што кажуваат луѓето сместени таму, се чека во редици, стотици студенти одеднаш чекаат за да јадат. Немаат ни греење. Сите се жалат, тоа е јасно, но многу малку се гледа иницијатива од нив, многу малку се гледа желба да се променат работите. Повеќето од студентите сместени во домовите немаат верба дека со некаква активност би постигнале нешто“, вели Матовски.

Неодамна, освен состојбата во која се наоѓаат домовите, се покрена и прашањето за безбедноста на студентите. Два пожари избувнаа токму во студентскиот дом Гоце Делчев и еден во Стив Наумов, поради употребата на греалки, чија употреба беше забранета, а имаше и случај кога се откачи и лифт во една од зградите. За среќа во ниту еден случај немаше повредени. Студентите велат дека сега им е дозволено да користат греалки, бидејќи парното не функционира и нема друг начин како да се стоплат.

Цeлата анализа на Радио Слободна Европа погледнете ја на следниот линк.