„Идентитет“ – прва самостојна изложба на Андреј Ѓеоргиевски

Младиот уметник Андреј Ѓеоргиевски овој викенд ќе ја одржи својата прва самостојна изложба насловена „Идентитет“, по повод 77 години од ослободувањето на Скопје.

Делото се состои од скулптури и графички слики.

„Графичкиот материјал е двојно референциран. Прво, постојат фрагменти од лично доживеани конкретни простори, идентитет на Македонија, кои авторот ги фрагментира и фокусира и искажува одреден феноменолошки квалитет. Второ, тој создава нови соединенија, синтези на различни слоеви, од нашите сеќавања – идентитети , и ги превреднува согласно нивната ,, внатрешна форма‘’ . Извлекува обрасци кои создаваат нови обрасци во фрактален след“, стои во најавата за изложбата.

Изложбата ќе се отвори на денот на ослободувањето на Градот Скопје, 13-ти ноември во 19 часот, во Монтажната галерија во Паркот на франкофонијата, а ќе биде достапна за посета до 17-ти ноември.

Ѓеоргиевски е роден во Скопје, во 2013 завршува во гимназијата „Орце Николов“ и истата година се запишува на Високата национална школа за архитектура во Лион, Франција. Во 2016 се враќа во Скопје да ги продолжи студиите по архитектура.

Во склоп на студиите изработува серија на визуелизации и покажува голем интерес кон аплицираните уметности.

Во 2020 инспириран од недостатокот на јавни места за соработка помеѓу студентите основа кооператив за ревитализација на јавни простори со акцент на засолништа.

Изложбата е финансиски поддржана од Министерство за култура на Република С. Македонија.

Настанот ќе се одвива со почитување на сите мерки и протоколи предвидени за заштита од Ковид-19.