Идеја за новиот покрив на Нотр Дам – еколошки проект кој ќе го снабдува Париз со енергија

Палингенезија е збор со грчко потекло кој значи преродба. Токму тоа е името на еден од проектите за новиот кров на катедралата Нотр Дам кој изгоре во несреќата пред еден месец.

Автор на проектот е францускиот архитект Винсент Калебо чиј дизајн е еден од многуте одговори на интернационалниот натпревар кој француската влада го распиша за реконструкција на изгорената градба.

Доколку дизајнот е прифатен, новиот покрив ќе биде составен од стаклени панели меѓусебно поврзани со ламинирани дрвени греди, користејќи што е можно поеколошки прифатливи материјали во изградбата. Она што ја прави оваа идеја посебна е тоа што самите греди се обложени со кристали кои ќе бидат создадени да ги собираат сончевите зраци и да ги претвораат во електрична енергија. Таа ќе биде складирана во хидрогенски ќелии и ќе ја снабдува целата катедрала со потребното количество енергија.

Но соларните панели не се сè што овој проект нуди. Во срцето на новиот кров ќе се протега градина полна со вегетација, природна светлина и можност за одгледување на разни градинарски култури, овошје и слично.

„На 15 април очите на целиот свет беа вперени кон Париз и катедралата која претставува една од најзначајните културни наследства во светот. Несреќата беше трагична и моќниот оган ја разбуди нашата дистописка имагинација и малку ја повтори актуелната криза на црквата, како и еколошките предизвици со кои се соочуваме преку климатските промени. Затоа ние сакаме да претставиме трансцендентен проект, симбол на еластична и еколошка иднина која му нуди на градот Париз збир на решенија инспирирани од биомимиката, дефинирана овде како заедничка етика за поправедна симбиотичка врска меѓу луѓето и природата.“, вели Калебо, лидер на проектот.

Несреќата на Нотр Дам беше вистинскни кошмар за целиот свет, но и шанса католичката култура повторно да се издигне преку модерни архитектонски творби.

ФОТО: Vincent Callebaut Architectures