ИДЕА ЈИЕ и Ромаверзитас го одбележуваат Светскиот ден на Ромите

ИДЕА ЈИЕ и Ромаверзитас го одбележуваат Светскиот ден на РомитеПо повод одбележувањето на Светскиот ден на Ромите, фондацијата ИДЕА ЈИЕ и Ромаверзитас организираат јавна дебата на тема: „Неформалното образование е повреднувано на пазарот на труд од формалното“. Дебатата ќе се одржи на 08 април (понеделник) во ГЕМ клубот во Стара чаршија со почеток во 11 часот.

Покрај студенти, членови на Ромаверзитас, учесници во дебатата се и Бајрам Северџан – Др. Кољо, актер познат по своите улоги во филмовите „Црна мачка, бел мачор“ на Емир Костурица, „Џипси Меџик“ на Столе Попов и „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, Рамуш Муарем –Цирко, новинар и познат водител.

Во рамките на настанот е вклучена и проекција на два филма: дваесетминутниот „Лабораторија на успехот – Ромаверзитас“ ќе биде прикажан пред самиот почеток на дебатата, во 11:15 часот, додека документарниот филм „Роми учесници во НОБ“ посветен на браќата Рамиз и Хамид, ќе биде прикажан со почеток во 19:30 часот.

Дебатата ќе се пренесува во живо преку видео-стрим на Радио МОФ.

Целосна агенда на настанот:

11:00 ч. – Отворање на настанот

11:15 ч. – Проекција на филмот „Лабораторија на успехот – Ромаверзитас“

11:40 ч. – Јавна дебата

12:10 ч. – Дискусија и прашања

12:40 ч. – 13:00 ч. – Коктел

19:30 ч. – Проекција на филмот „Роми учесници во НОБ“

 Фондацијата ИДЕА Југоисточна Европа е дел од меѓународната ИДЕА мрежа која повеќе од десет години промовира дебата и критичко размислување помеѓу младите. ИДЕА ЈИЕ работи со млади луѓе од регионот, во заедници кои имаат мала или воопшто немаат дебатна традиција или информирана јавна дискусија. ИДЕА ЈИЕ верува дека дебатата е вредна образовна алатка, не само поради тоа што сите истражувања покажале дека го подобрува критичкото мислење, академските достигнувања и јавниот говор, туку и поради тоа што го охрабрува вклучувањето во политички и општествени процеси од рационална и информирана позиција.

Ромаверзитас е програма за високо образование на Роми како дел од Ромската образовна програма имплементирана од ФИОО-Македонија. Основана е 2001 година, како заедничка иницијатива на ФИОО-Македонија и ИОО-Будимпешта.  Ромаверзитас претставува логички продолжеток на програма за стипендирање и менторирање на студенти Роми; промовирање на еднакви можности за влез во образовни институции во Р.М., спроведувана од 1997 година од страна на ФИООМ. Визијата е Ромаверзитас да придонесе кон креирање на критичка маса на добро едуцирани студенти Роми, кои на долгорочен план ќе се застапуваат себеси и својата заедница.