И во Гостивар започнува акција за донирање училишен прибор пред новата учебна година

Од понеделник (26 август) во Гостивар ќе започне хуманитарна акција за донирање на училишен прибор за првачиња од социјално загрозени семејства. Кутии за донации ќе бидат поставени во маркетите „Монтенегро“ и “ЕТЦ“ , како и во книжарниците: „Европа“, „АС“, „Култура-гос“, „АБЦ и „5Плус“.

Акцијата, како што соопшти локалниот медиум „ГостиварПрес“, ја организира Општина Гостивар под мотото „Со срце дарувај, ученик израдувај“.  Според најавите, акцијата ќе трае до 5 септември.

Во Гостивар и лани, сиромашни деца добија донаци во училишни материјали, пред почетокот на школската година. Тогаш фондацијата „Иселениците од Швајцарија за Гостивар” донираше ранци и училишен прибор за 100 ученици со социјално загрозен статус. Нивната акција наиде на поддршка, па гостиварска менувачница обезбеди ранци, а Општината училишен прибор за уште 100 други ученици.

Радио МОФ веќе известуваше за неколку акции кои се во тек, во Тетово и на територијата на цела држава, во кои се донира училишен прибор за децата чии родители тешко можат да го обезбедат.