И странските медиуми предупредуваат на опасностите од градење крај Охридското Езеро

„Најстарото езеро во Европа под закана од човекови градби, плажи и луксузни домови“, е насловот со кој британски Independent предупредува на опасностите за живиот свет во и околу Охридското Езеро, доколку се остварат плановите на Владата и локалната самоуправа за изградба на експресен пат и туристички населби во регионот.

Медиумот го цитира професорот Christian Albrecht, биолог од германскиот универзитет Гисен, кој беше член на тимот што дупчеше 600 метри под нивото на езерото за да ја одреди неговата старост. Тој Охридското езеро го нарекува „Светиот грал за биолозите од целиот свет“.

„Тоа не е толку старо колку големите езера на светот, како Бајкалското или Тангањика, но ако ја земете неговата големина, тоа е езеро со најголем биодиверзитет во светот. Сериозно сум загрижен за иднината на неговите ендемски видови. Многу од нив се и сега ограничени на само неколку квадратни метри во езерото. Овие развојни планови неповратно ќе го уништат овој клучен екосистем“, вели професорот Albrecht за Independent.

Организациите за заштита на животната средина од Охрид повеќепати предупредуваа дека изградбата на патот и елитните населби ќе значи уништување на чувствителниот екосистем на езерото и планината Галичица. Тие на 4 јануари учествуваа на јавна расправа за предложените проекти, но обвинија дека властите не ги следат доследно процедурите и се обидуваат по секоја цена да го „истуркаат“ проектот.