И Средношколски пленум со штанд за собирање донации за Тетово

Од Средношколски пленум информираат дека од денеска, во 11 часот ќе се постави штанд и на ул. „Партизански Одреди“ кај „Сити Мол“ за собирање донации за семејствата погодени од силното невреме во Тетово и околината.

Пленумци ги повикуваат сите граѓани да помогнат со цел да се покаже солидарност кон Тетовци.

„Многу важна работа за сите скопјани е тоа што ова не го прави само Средношколски пленум. Средношколски пленум не ги повикува само средношколците на оваа акција, туку ги повикува сите граѓани на земјата. Не заборавајте дека 63-та, Скопје стана град на солидарноста. Покажавме солидарност, знаеме како беше пред година дена кога ја оправдавме таа карактеристика на скопјани и дадовме премногу за Србија и погодените градови во Босна и Херцеговина и тоа беше многу добро. Сакаме истото да го покажеме сега за граѓаните на македонските градови“, вели средношколецот Исмет Шабановиќ за Радио МОФ.

Акцијата дојде спонтано, вели Јован Спасеновски од Средношколскиот пленум, откако вчера Студентски пленум постави штанд за собирање донации на улица „Македонија“, кај спомен куќата на Мајка Тереза.

„Претежно ќе собираме вода, нерасиплива храна, стари алишта, некои лекови и средства за хигиена бидејќи навистина е потребно. Во понеделникот се враќав од Попова Шапка и беше навистина страшно. Час и половина излегувавме од центарот на Тетово, до излезот што е околу еден километар“, вели Спасеновски.

Целта на средношколците е собраните средства што побрзо да стигнат до погодените тетовски семејства.

Вчера, покрај Студентски пленум, штанд постави и Унијата на студенти Албанци, во скопската чаршија во близина на Сули ан пред Мурат – пашината џамија.

Црвениот крст пак, отвори сметка и броеви на кои може да се донираат финансиски средства. Донација од 100 денари се прави со повик на телефоните: 075/070/077 143 400, додека сметката на Фонд на солидарност гласи: 300000001327966 ДБ 4030984271620 – Комерцијална банка.

Помошта може да се предаде во магацините на Црвениот крст во Момин Поток од 08,00 до 16,00 часот (контакт тел: 3 096 227), до 15 август.

Советот на општина Тетово денеска и утре прогласи ден на жалост за загинатите во силното невреме. Најмалку пет лица загинаа во невремето во тетовскиот регион и двајца се водат за исчезнати по кои се уште се трага. Најмалку 20 луѓе се повредени, а дел од нив се задржани на тетовските клиники.