И Прилеп и Битола денеска на протест против полициската бруталност

Протести против полициската бруталност денеска, во 18 часот, ќе се одржат и во Прилеп и Битола, според најавите на социјалните мрежи.

„По вчерашните настани, обелоденувањето на снимките на кои се потврдува скривањето на убиството на Мартин Нешковски од страна на власта, и протестот во Скопје, и Битола повторно се приклучува на протестите против полициската бруталност! Солидарно и сите заедно за подобра иднина!“, стои во Фејсбук настаните.

Во Битола, демонстрантите ќе тргнат од фонтаната кај музејот, преку Широк сокак кон просториите на Министерството за внатрешни работи, додека во Прилеп, збирно место ќе биде плоштадот „Александрија“.

Во Скопје пак, за денеска е најавен нов протест пред Владата, во 18 часот. На социјалните мрежи, масовно се споделуваат насоки за заштита на личната безбедност при насилни протести и судири со полицијата.

Вчерашниот протест пред Владата, кој заврши со судир помеѓу полицијата и демонстрантите, собра голем број граѓани, откако СДСМ објасни снимени телефонски разговори за убиството на Мартин Нешковски. Опозицијата го обвини државниот врв за прикривање и релативизирање на убиството на момчето, кое беше убиено од полицаецот Игор Спасов, на 6 јуни 2011 година.