И мажите се жртви на патријахатот: како традиционалното воспитување влијае врз момчињата?

Да се биде различен од околината и да се чувствуваш различно од очекуваното е сѐ уште необично и повлекува предрасуди. Овие предрасуди поттикнуваат агресија, особено меѓу младите. Во многу случаи, физичките напади се со поддршка од мнозинството. Да се биде пристојно момче или маж, пак, без покажување на својата физичка сила доведува до одвојување од општеството. Целосната неприфатеност влијае врз личниот развој, самодовербата и себенадоградувањето, особено за време на пубертетот. Сите коишто се чувствуваат така бараат помош надвор од училиштето во различни организации или заедници.

Ова беше истакнато на панел дискусијата „Be a man, suck it up, традиционалното воспитување – тивок напаѓач на момчињата и машкото ментално здравје“ која се одржа во понеделникот во „Млади Хаб“ во организација на Младинскиот совет на Американската амбасада во Република С. Македонија.

Mотивите кои константно се провлекуваат кај младите кои живеат со стрес и проблеми се чувството на недоволност, апатија и отфрленост, посочи Сара Миленковска, модераторка на дискусијата.

„Кога мажите посуштински ќе сфатат на кој начин патријахатот и родовите улоги влијаат врз нив, ќе разберат како и самите тие се жртви на патријахатот, на очекувањата и идеите за тоа што е совршен маж. Според акцискиот план на Европската Унија, едикацијата е единственото нешто што преостанува за да се зголеми свесноста за ова прашање. Едукацијата не треба да е привилегирана дебата во центарот на градот, туку таа треба да е воведена во образованието на младите. Ние во нашиот животен век можеби нема да видиме некакви драстични промени во родовата еднаквост, меѓутоа процесот за да се достигне барем некаква еднаквост е многу тежок. “, смета таа.

Студентот по психологија, Матеј Тројачанец нагласи дека постои разлика помеѓу машкото и женското ментално здравје. Кај момчињата почесто се дијагностицира депресија, анксиозност, булимија и анорексија, забележа тој. Според него, тие почесто страдаат од алкохолизам, антисоцијално растројство и кај нив е три пати поголема стапката на самоубиство.

„Нема доволно здравствени или социјални средини за заштита каде што би можеле да ги пријавуваат своите маки. Машките се склони кон репресија“, истакна тој.

Тројачанец посочи дека малку се внимава на родовата сензитивност и меѓу самите професори по психологија. Тој забележува дека поголемиот дел од литературата која се изучува на факултетите по психологија е стара четвртина век.

Активистката за женски права, Ана Василева се осврна на воспитувањето на момчињата, за што посочи дека е сложен процес доколку системски не се негуваат вредностите на кои се учат децата. Според неа, кај нив се создава невроза кога вредностите кои им се презентираат како добри не функционираат во одделението и заедницата. Од една страна соработката се презентира како добра, а покажување на машкоста дури и кај мали момчиња е агресивноста, смета таа.

„Сите може да да се сакаат со сите, но не зборувај гласно за ова!“

„Како родител, се чувствувам дека заземам медиокритетски став за да го заштитам детето. Системот нема да го заштити, воспитувачите се чувствуваат небезбедно бидејќи било кој локален моќник може да им ја одземе работата и одлучуваат да се прогласат за ненадлежни. Оттаму, постои систем на ненадлежни возрасни во кој децата се оставени сами на себе. Традиционалите вредности на мажественоста кај нас се агресија, вербална агресија, моќ, покажување на моќ“, вели Василева.

Василева сподели нејзино искуство од работилница за родова еднаквост во средно училиште каде на исказот „Момчињата не смеат да плачат – се согласувате или не се согласувате?“ , само две деца не се согласиле.

Василева сподели истражување на „Американското здружение на психолози“ со кое е утврдено дека традиционалните вредности доведуваат до девијатни однесувања кај момчињата и мажите.

„Доколку не се третираат нивните психолошки проблеми, мажите имаат можност да настрадаат од самоубиство, постои тенденција на репресирање на нивните чувства и имаат поголема склоност кон агресивно однесување. Во 97% од случаите, мажите се извршители на кривични дела, а во 77% проценти се жртви на кривични дела“, истакна таа. 

Покрај ова, Василева напомена дека дури 97% од мажите и 3% од жените во Западен Балкан се сопственици на мали и лесни оружја, а една од најголемите причини за насилната смрт кај жените е токму насилството од интимниот партнер.

 

Фото: Младински совет на Американската амбасада во Република С. Македонија

Друг аспект на проблемот со традиционалното воспитување е влијанието врз ЛГБТ лицата. Студијата за нееднаквости во здравјето правата на ЛГБТ младите на 11, 13 и 15 години на Коалицијата „Маргини“ укажува на ситуацијата во која се наоѓаат тие денес.

Како директни мерки кои се преземаат во Македонија, Кочо Андоновски, програмскиот директор на ЛГБТ центарот во Скопје, го посочи „Шелтер центарот“ кој функционира како засолниште на луѓе од ЛГБТ заедницата, кои преживеале домашно насилство или се на ризик од бездомништво. Програмата за една личност може да трае до 6 месеци, а во специфични услови и до една година и се нуди и бесплатна психолошка помош, но забележа дека луѓето ретко си допуштаат да користат психолошка помош.

„Еден елемент на традиционалниот притисок е да се занемари важноста на психолошката помош, бидејќи така се покажува слабост. Судирот со насилството преку традиционалните вредности почува од многу рано. Тој притисок не почнува кај децата, почнува кај родителите. Родителите треба да се ослободат од матрицата на малоѓраѓанска коректност. Тие сакајќи да се заштитат од осудата кон нив дека се чудни родители кои нешто чудно произнеле, целиот терет го префрлаат врз детето кое има последици, дисконекција со себе, лишување од емотивноста, што доведува до ризични однесувања. Притисокот во основното училиште се манифестира преку силата и физикусот, па продолжува во средното образование и факултетот кога е застапен во неможноста да се одржат емотивни односи. Понатаму тоа креира една парелелна реалност која не е видлива за семејството и другарите. Овој притисок од родителите се пренесува на момчињата кои подоцна почнуваат да се оценуваат меѓусебе“, нагласи Андоновски.

Василева посочи на дихтономијата во воспитувањето, според која машките се казнувани построго, а девојчињата поблаго и тие се охрабрени да разговараат за себе, за своите чувства. Со тоа, кај машките, вели таа, се инсистира на потиснување на чувствата, држење до некоја норма, кршење на правила, натпревар, а потоа општеството високо ги вреднува особините на момчињата како храброст, спротивставување, лутина…

„Присуството на ‘женски’ особини кај момчињата се доживува како инфериорност – девојчињата ги имаат инфериорните карактеристики, па геј и транс жените се сметаат дека се предавници бидејќи се деградираат, се спуштаат на пониско ниво со прифаќање на вредности кои се препишуваат за женски“, заклучи таа.

Мора да направиме напор токсичната машкост и традиционален притисок да ги воведеме во родовото прашање!

„ОД ЛГБТ аспект, вие имате многу мажи кои не сакаат да се дефинираат како геј мажи или бисексуалци туку велат јас сум straight, но понекогаш имам секс со други мажи, но јас не сум геј бидејќи сум активен. Зошто е срамно некој да е пасивен? Тоа се препишува на женска улога. Тука е можноста да се работи на ова, ова е за воведување во родовите студии. Се спомена редефинирање на поими, јас тотално се согласувам, потребен е интердисциплинарен пристап, ни требаат лингвисти. Многу малечки промени, многу малечки зборови може да направат многу големи разлики. На пример, ако научиме дека ‘прав маж‘ е израз кој не е соодветен и може да се замени со ‘добар маж‘ , веќе разликата е многу голема. Мора да направиме напор токсичната машкост и традиционален притисок да ги воведеме во родовото прашање“, истакна Андоновски.

Според Тројачанец, поп-културата има удел во начинот на кој младите комуницираат. Посочи дека Инстаграм веќе тестира како би изгледало да не се гледа бројот на лајковите на објавите и тоа според него придонесува во намалување на компетицијата меѓу младите од мрежите.

„Според истражувањата, токму мрежите го прават притисокот на младите врз самите себе. Не е доволно ти да имаш прекрасни слики, туку тие да се гледани од други. Ова е голем притисок, особено за деца кои се обидуваат да се снајдат во хаотичниов свет и ние како возрасни треба да им бидеме потпора“, рече Тројачанец.

За него, едукацијата е еден од најдобрите механизми за справување со социјалните проблеми. Притоа, посочи тој, таа не треба да се користи само за покренување на свеста, туку и за разбирање и прифаќање на нови вредности кај генерациите.

„Некои промени треба да се прифатат, за да се спречат компликациите што им се случуваат и ќе им се случуваат на идните генерации, доколку не се воведе поинклузивен пристап. Покажувањето на ранливост, емотивната отвореност, признавањето дека постои некаков внатрешен немир, едукацијата и соочувањето со фактот дека начинот на кој досега сме се справувале со менталните состојби можеби не е најправилен, се првите чекори при прифаќањето на можноста дека ние сме тие кои можеме да дадеме некое решение за проблемите кои го мачат човекот“, појасни Тројачанец.

Сличен став има и Андоновски, кој нагласи дека за актуелизирање на прашањето за родовата еднаквост, најважни се личната одговорност и образованието.

„Треба да сме подготвени дека ова е бавен и тежок процес бидејќи станува збор за губење на привилегии на одредена каста. Таа каста е добро организирана, владее со векови и не е заинтересеирана за губење на сопствените привилегии. За нив родовата еднаквост претставува закана“ заклучи тој.

Ивана Смилевска