„И јас сум Дедо Мраз“ – иницијатива за собирање подароци за деца од сиромашни семејства

Деновиве започна хуманитарниот проект „И јас сум  Дедо Мраз“, преку кој се собираат подароци за деца од сиромашни семејства и висок социјален ризик. Мисијата е преку хумани граѓани, организации и институции да се соберат што повеќе подароци и да ги развеселат децата.

Минатата година биле собрани преку 3500 подароци, а оваа година организаторите ќе се обидат да го срушат рекордот.

„Подароците кои ги купувате, може да се новогодишни пакетчиња, играчки  или алишта. Откога убаво новогодишно ќе ги спакувате, напишете на едно ливче за кого е наменет подарокот ( пол, возраст и што е подарокот). Следното нешто е да се сликате со подароците и да ја поставите сликата на социјални медиуми со хаштаг #ијассумдедомраз. Подароците може да ги оставите до 17 декември во Нано Бар, на 09.12 (недела) во Зоолошка градина Скопје на пункт отворен од 12:00-16:00 или пак да се јавите на телефонскиот број 078 405 264 и да добиете инструкции за достава“, стои во апелот на иницијативата.

Потоа подароците ќе бидат распределни, така што секое дете ќе го добие она кое што најмногу би го израдувало.