„… и хомофобите се луѓе“ – кампања за Меѓународниот ден на човековите права

Со поставување на билборди низ Скопје, на кој е испишано „..и хомофобите се луѓе“ започна кампањата на Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргиналазираните заедници со цел да го одбележи Меѓународниот ден на човековите права.

Целта на кампањата е да и предочи на пошироката јавност дека хомобијата, насилствата мотивирани од омраза и прекршувањето на човековите права на сексуалните малцинства во Македонија претставуваат сериозен проблем за кој се уште отсуствува институционална и системска свест за решавање, односно заштита и почитување на човековите права.
„ Како гест на провокација, сакаме да посочиме дека вистинската потреба во едно демократско општество, какво што Македонија претендира да биде, е потребата хомофобите да се препознаат како индивидуи на кои им е потребна системска помош во надминувањето на сопствените предрасуди и насилство“, велат од Коалицијата.

Според нив, оваа кампања не се темели на вообичаениот пристап на додворување на хетеросексуалното мнозинство, туку на свртување на вниманието кон хомофобите како луѓе со кои всушност треба да се занимаваат образовните институции и клучните државни актери во спроведувањето на приниципите на владеење на правото и заштита на човековите права.
„Токму со ваквиот пристап се овозможува да се оттргне вообичаената наметната патологизација на нехетеросексуалните луѓе, како помалку вредни и помалку луѓе на кои им треба помош и сожалување, и заслужено да ги обележи хомофобијата и хомофобите како оние на кои им е потребна општествена помош.

Акцијата е направена во соработка со Квир Загреб и дизајнерската куќа Bruketa & Žinić од Хрватска, а на основа на истоимената кампања која во Хрватска низ повеќе градови пред неколку години.