И битолските средношколци утре излегуваат на протест

Битолските средношколци утре (24 март) излегуваат на марш против, како што велат, лошите реформи во средното образование. Почетокот на протестот е најавен во 12:00 часот пред средното медицинско училиште „Др. Јован Калаузи“ во Битола.

Средношколскиот пленум има две барања, укинување на екстерното тестирање и враќање на стариот модел на државна матура. Оттаму сметаат дека со оглед на тоа што се укинуваат казните за професорите од екстерното, нема причина за постоење на ова тестирање. За нив е спорно и како што велат , наметнувањето на математиката како задолжителен предмет на матура бидејќи со тоа се крати правото на избор, а евентиалниот слаб успех го попречува понатамошното образование.

„Доколку сега немо ги набљудуваме овие квази-реформи и не преземеме ништо околу нив, ќе бидеме жртви на едно руинирано средно образование. Драги професори и професорки, не сте повикани на солидарност затоа што и за вас се работи. Образованието е јавно добро и е коренот на општеството. Од него – произлегува сè останато. Наша обврска и општествена одговорност е да се бориме за квалитетно образование. За нас, за нашето општество! Со квалитетот нема компромис, за квалитет не се преговара. Затоа, да маршираме во борбата за подобро образование и во борбата за подобро општество!“, се вели во повикот на маршот од Средношколски пленум Битола.