Хуманитарна онлајн аукција „Акција за реакција“ за поддршка на сексуалните работници и нивните семејства

СТАР – Првиот колектив на сексуални работници на Балканот, од 2 до 9 јуни организира хуманитарна онлајн аукција „Акција за реакција“ на собрани дела од хумани автори.

Како што велат од Колективот, хуманитарниот настан го организираат по повод одбележувањето на 2 јуни – Меѓународниот ден на сексуалните работници, со цел сите да покажат солидарност и да помогнат на заедницата која, велат тие, несомнено е погодена од КОВИД-19 пандемијата.

„Собраните средства од хуманитарната аукција ќе бидат наменети за поддршка на сексуалните работници и нивните семејства, најчесто многудетни и на самохрани мајки“, соопштуваат од СТАР.

Хуманитарната онлајн аукција од 2 до 9 јуни ќе се одвива преку социјалната мрежа Фејсбук. СТАР ќе реализира продажба на дела, фотографии, накит и гардероба, собрани и изработени од хумани автори.

„Несомнено, неповолното влијание на Корона вирусот (КОВИД-19) пандемијата ја чувствуваме сите, но сакаме да ја потенцираме особено тешката состојба во која се наоѓаат најранливите категории на граѓани и предизвиците со кои тие секојдневно се соочуваат во потрага да обезбедат основни потреби за нормално живеење за своите семејства, како што се храна, лекови, основната грижа за децата и домот“, велат од СТАР.

Од таму ги покануваат сите да ја следите нивната  хуманитарна аукција, а сите заинтересирани, доколку сакаат да донираат свое дело, за помош и поддршка на сексуалните работници, да ги исконтактираат на електронската адреса: communications@starsexwork.org или да се јават на телефонскиот број: 070/313103, најдоцна до 1 јуни.

„Во овие моменти кога сите се соочуваме со последиците од кризната состојба, наша, пред се човечка должност е да им помогнеме на оние на кои во моментот тоа им е најпотребно. Да ја покажеме нашата солидарност и хуманост на дело. Донирај! Не Дискриминирај“, соопштуваат од СТАР.