Хуманитарна акција на Анима Мунди „Февруари – месец на вљубените мачки“

Здружението за заштита на животните Анима Мунди, последниот викенд на февруари (28 февруари/1 март) организира хуманитарни настани, чија главна цел е собирање на средства за стерилизација на улични мачки, промовирање на хуман третман кон мачките, нивно одговорно чување како домашни миленици и пред се поттикнување на свеста на граѓаните кон овие прекрасни животни со кои го делиме животниот простор.

Мотото на акцијата која ќе се одржи во Скопје Сити Мол е „Февруари – месец на вљубените мачки“. Присутните ќе можат да ја видат изложбата на фотографии на тема „Скопските улични мачки“, како и да побараат ветеринарни совети со присуство на искусни и проверени ветеринари со кои соработува Анима Мунди. За најмладите ќе биде организирано детско креативно катче, а останатите ќе може да учествуваат во работилницата „Направи сам за твојот миленик“ и на малиот базар на ракотворби.

Сите настани, случувања, интервјуа, донирани предмети како и обезбедени средства ќе бидат објавени на  интернет страната skopjeferalcats.org , која ќе биде официјално пуштена на настанот во Сити Мол. На оваа страна посветена само на мачките, активистите од Анима Мунди ќе ги објавуваат и сите стерилизациски mисии, секоја помош како и сите едукативни материјали и активности.